Мецола: Не можеме да си дозволиме нашата безбедност да зависи од други
Европа мора да се грижи за сопствената безбедност и не може да си дозволиме други да не чуваат безбедни, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и европската одбрана.
– Премногу работи се во прашање и не можеме да чекаме повеќе, изјави Мецола, додавајќи дека Европарламентот може брзо и ефикасно да се справи со денешните безбедносни предизвици без преседан.
Таа порачаа дека во Украина мора да се постигне вистински мир, што ќе гарантира слобода за земјата, безбедност за Европа и одвраќање на оние кои мислат дека можат да преземат територии со сила.
– Мирот мора да биде вистински, а не само едноставно на сите да ни создава лажно чувство на безбедност, дозволувајќи му на агресорот да продолжи да се обидува да освојува суверени нации, рече Мецола.
Таа ја повика ЕУ да инвестира повеќе во одбраната со цел да биде во позиција да може да одговори на заканите без преседан, нагласувајќи справувањето со нив зависи од храброста на изнесените предлози и брзината со која тие се спроведуваат.
– Вонредните времиња бараат итни мерки. Затоа ги поздравувам сите креативни и флексибилни решенија за значително зголемување и забрзување на нашите инвестиции во одбранбениот сектор, порача претседателката на Европскиот парламент.
Според Мецола, само со брза, ефикасна и ефективна работа, ќе може да се поттикне довербата во Европската Унија.
– Да, ни треба брза акција, но заедничкото дејствување е единствениот начин да се обезбеди широка и длабока јавна поддршка, рече Мецола.
Таа воедно ги повика лидерите на ЕУ да ги усогласат ставовите околу следната Повеќегодишна финансиска рамка на Унијата за периодот по 2027 година согласно актуелните приоритети на блокот.
– Имаме вистинска можност да ја финансираме стратешката автономија што ни е потребна, заклучи Мецола во обраќањето пред лидерите на ЕУ.