Келог: Не можам да го гарантирам продолжувањето на помошта за Украина, Трамп ќе одлучи за тоа
Специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, денеска изјави дека не може да гарантира дека Вашингтон ќе продолжи да му доставува оружје на Киев дури и ако Украина го прифати договорот за минерални суровини и дека оваа одлука е на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој рече дека украинската страна била запознаена дека средбата во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде фокусирана на склучување договор за минерали, пренесуваат американските медиуми.
Келог оцени дека средбата „тргна по погрешен пат“ кога Зеленски наводно се обидел да го убеди Трамп да застане на страната на Киев.
Зеленски, кој инсистираше на тоа дека Украина има потреба од безбедносни гаранции пред прекинот на огнот со Русија, подоцна рече дека е подготвен да го потпише договорот.
Меѓутоа Келог рече дека не може да го гарантира продолжувањето на испораката на оружје дури и ако Зеленски го прифати договорот и дека одлуката ќе ја донесе Трамп.
Трамп и Зеленски разменија остри зборови за ситуацијата во Украина, кога Трамп го обвини украинскиот претседател дека не е благодарен за помошта што неговата земја ја доби од САД и дека покажува „непочитување“, по што беше одложено најавеното потпишување на договорот за ретки минерали од Украина.
По неуспешната средба, американскиот претседател изјави дека Зеленски „не бил подготвен за мир“ и дека може да се врати во Белата куќа на разговори кога ќе биде подготвен