Трамп потврди дека висок американски функционер имал директни разговори со Хамас

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека висок американски функционер неодамна одржал директни разговори со палестинското движење Хамас во врска со ослободувањето на израелски заложници во Газа. Истовремено, Хамас се закани дека ќе ги убие заложниците доколку израелската армија ги обнови борбите во Газа, јави ДПА.

 EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

„Секоја ескалација на агресијата ќе резултира со убиство на голем број од киднапираните“, рече портпаролот на Хамас Абу Обеида во видео-пораката. Тој додаде дека Израел е одговорен за смртта на заложниците во Газа, како и за непридржувањето кон договорот за енклавата.

Според израелските информации, исламистите држат 24 заложници и 35 тела на убиени заложници во Појасот Газа. Меѓу телата има и странци, а меѓу живите заложници има израелско-германски војник и тајландски државјанин.

Советникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, рече дека директни разговори на САД со претставниците на Хамас се одржале во последните денови и дека пораката до палестинската група била дека САД сакаат да ги вратат заложниците дома.

Виткоф исто така изјави дека САД не веруваат дека Хамас е искрен. Тој ги даде овие изјави откако се појавија извештаи дека главниот американски преговарач за заложници Адам Болер се сретнал во Доха со претставници на Хамас за да се обиде да обезбеди ослободување на заложниците од Газа.

Виткоф рече дека следната недела ќе отпатува на Блискиот Исток со планирани посети во четири земји.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close