Продолжува судењето за убиствата на Вања и Панче: Палевски треба да презентира снимка од банка како дел од одбраната
Со изведување материјални докази на одбраната денеска во Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи судскиот процес против петмината обвинети за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
На денешното рочиште се очекува првообвинетиот во случајот Љупчо Палевски-Палчо и неговите адвокати да ја презентираат снимката од експозитура на Хлак банка во Буњаковец која според нив му дава алиби на Палевски за тоа каде бил во периодот од 9 до 12 часот критичниот дена кога е убиена Вања.
Тој е неговите адвокати побараа оваа снимка да биде изведена како доказ на претходното рочиште во средата, на што, пак се спротивстави Обвинителството со образложение дека од видеоснимките кои веќе ги извеле како докази се гледа дека Палевски во 10 часот по убиството на Вања со „реното кангу“ се враќа во седиштето на партијата Десна.
Одбраната на Палевски, пак, е на став дека на снимката од системот „Безбеден град“, што Обвинителството ја изведе како доказ на едно од претходните рочишта не се гледа неговиот лик, па затоа уплатницата од банката и снимката претставуваат релевантен доказ.
„Не би ја барале таа снимка, ако не направи разлика… Значи, едно е кога е извршена уплатата, а друго е дали Палевски претходно бил внатре и чекал ред заедно со посочениот сведок. Сакаме да докажеме дека Палевски претходно бил (во експозитурата) и чекал некаде повеќе од 20 или 40 минути, не можам сега точно да ви потврдам, меѓутоа снимките тоа ќе го утврдат, дека Палевски бил таму. И, како што кажав, не може истиот да биде на две места во исто време“,рече адвокатот Јовица Страшевски во изјава за медиумите за време на паузата од минатото рочиште.
Одбраната на Палевски побара, а Обвинителството се спротивстави, судот да ги побара од Телеком податоците за зрачењето на телефонот на базните станици што го користел обвинетиот, а чиј претплатник била неговата сопруга. Како што наведе одбраната, барањето се однесува за периодот од 21 до 29 ноември 2023 година и овие податоци се важни за да се утврдат околностите поврзани со кривични дела.
Сепка, судијата Ивица Стефановски прифати како доказ да биде изведена снимката од банката, но не и да се бара Телеком да ги достави податоците за зрачењето на телефонот што го користел првообвинетиот за убиствата на Вања и Панче.
На рочиштето во средата како сведокот на одбраната исказ пред судот даде полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Велес кој учествувал во потрагата по Жежовски откако бил пријавен за исчезнат, а потоа и при одземањето на оружје од домот на обвинетиот Боре Видевски.
Полицаецот одговараше на директни прашања на одбраната на Палевски, а најголем дел од прашањата ги поставуваше токму обвинетиот. Главниот збор стана за пиштол „збројовка” кој не бил најден при претресот на домот на обвинетиот Боре Видевски.
Палевски го спореше тоа што била поведена управна постапка за одземање на оружје наместо да се бара пиштолот, на што сведокот одговори дека целата постапка била спроведена согласно закон.
Судот закажа термини и за следните рочишта, кога искази треба да дадата петмината обвинети. Рочиштата се закажани на 12, 17, 19, 24 и 26 март, а како што информира судијата Стефановски прв ќе биде испитан Велибор Манев, а потоа ќе следуваат исказите на Боре Видевски, Влатко Кешиев, па таткото на Вања, Алекдандар Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Љупчо Палевски.
Со испитувањето на обвинетите судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче влегува во кулминација, од која се очекува да се разјаснат мотивите за убиствата и други детали и околности поврзани со случајот.
Инаку, според обвинението, Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.