Се додека не ја промениме “културата која култивира насилство”, не можеме да зборуваме за вистинска еднаквост.
Денес, во сите седум градови на Јуроп хаус мрежата истовремено се одржаа настани посветени на Меѓународниот ден на жената, каде инспиративни жени од различни професии ги споделија своите искуства и приказни. Под мотото „(Fe)male Effect: Her Story, Her Path, Her Power”, присутните средношколки и студентки имаа можност да учат од успешни жени кои во своите кариери надминале многу бариери. Настаните беа повеќе од обични дискусии. Тие беа автентичен простор каде младите девојки слушнаа корисни совети и пораки.
Во Скопје, панел-дискусијата модерирана од новинарката Ана Зафирова отвори важни теми за предизвиците со кои се соочуваат жените кои својот професионален живот го посветиле на образованието, науката и културата.
За време на дискусијата, Кристина Василатоу, заменик-шеф на мисија во Амбасадата на Грција во Скопје, истакна дека „Жените во Грција денес имаат повеќе можности од било кога, но сè уште мораат да се докажуваат десет пати повеќе. Како жена, од мене се очекуваше да реагирам како маж во дипломатијата. Затоа е важно да се бориме за нашите принципи, да бидеме поактивни и да работиме заедно.”
Дел од дискусијата беше и професорката Маја Бојаџиевска, која на прашањето “Како е да се биде жена во нашата држава?” одговори „Како може да се биде во средина што култивира насилство? Кога пристапот до здравствени услуги е лош особено за женскиот пол? Кога жените во фабриките го носат целиот товар и на работа и дома? Се додека не ја промениме оваа реалност, не можеме да зборуваме за вистинска еднаквост. ”
Драгана Стикова од платформата „Наука за деца” додаде дека „ На децата не им бегат деталите – тие гледаат, прашуваат и учат од она што им го раскажуваме. Ако сакаме да создадеме иднина каде што жените и мажите се еднакви, мораме да почнеме со менување на приказните што им ги раскажуваме уште од најмала возраст.”
Маргарита Арсова од Младинскиот културен центар, посочи дека „Жените во културата се меѓу најкреативните и најмоќните гласови на нашето време. Но, гласот на жените не смее да се слуша само на 8 Март – треба да го креваме секој ден. Ние треба да соработуваме, да не бидеме една на друга волк. Да се бориме заедно и да веруваме дека е можно. Јас на ќерка ми ѝ велам – ја гледаш месечината? Ете ја, качи се. Најди начин и качи се.”
Отворен говор имаше и амбасадорот на ЕУ, Н.Е. Михалис Рокас, кој ја истакна важноста на родовата еднаквост и потребата од создавање повеќе можности за жените. „Денес ја славиме силата и успесите на жените, но и потсетуваме дека патот кон родова еднаквост сè уште не е завршен. Системските бариери како нееднаква плата, ограничен пристап до образование и недоволна застапеност во лидерството мора да се надминат. Овие настани на Јуроп Хаус ги охрабруваат младите жени да го кренат гласот за себе и за другите, да го создадат својот ‘Fe-male Effect’ и да бидат двигатели на промени. Време е за акција – за поправеден и подобар свет за сите.”
Панел-дискусии се одржаа и во Јуроп хаус Тетово и Струга. Во Тетово, заменик-шефот на мисија на Амбасадата на Холандија, Манон Јансен, како и трите номинирани жени од регионот – Гзиме Фејзи, Пранвера Касами и Ивана Настески, ги охрабрија младите девојки да покажат храброст и да не се плашат да преземат водство. Сања Бачевски и Валентина Тодороска на дебатата во Струга раскажаа за својата посветеност на одржливото урбано земјоделство, подводната археологија и еколошките политики, инспирирајќи ги младите да размислуваат за иднината на животната средина.
Во останатите четири Јуроп хаус, настаните се одвиваа во формат на т.н. „Жива библиотека”, односно младите девојки директно разговараа со секоја од говорничките. Во Битола, се дискутираше за претприемништвото, академските достигнувања и европските универзитетски партнерства со Ана Ристевска, проф. д-р Ангелина Станојоска и Рената Петревска Нечкоска, но и за дипломатската кариера со заменик-амбасадорката на Романија, Вероника Чиолча. Еколошкиот активизам, младинското учество и жените во бизнисот беа во фокусот на разговорите во Крива Паланка, каде Јана Цветковска Лазаревска, Урмета Арифовска и Тамара Петковска, придружени од претставничката од амбасадата на Бугарија, Елена Слатинска-Ованезова, покажаа како младите можат да направат промена. Велес беше домаќин на дискусии за музиката, дигиталната уметност и иновативните индустрии со Веселинка Маџарова, Лорета Стефановска и Јагода Пачемска, како и за дипломатската приказна на амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин. Во Струмица, Сузана Мицева, Нена Панова и Ангела Дончева зборуваа за храброста потребна за да се пробие во истражувачкото новинарство и претприемништвото, додека Бјанка Зафировиќ-Орданоска го сподели искуството на советничка кариера во амбасадата на Германија.
„Оваа серија настани е посветена на жените кои секојдневно ги поместуваат границите – тивко, но одлучно; скромно, но трајно. Тоа се жените што ги среќаваме во толпата, оние кои со мал, но значаен гест оставаат силен впечаток. Жените што ја претвораат својата работа во уметност, мајсторките посветени на својот занает, пријателките чие присуство е ненаметливо, но нивното влијание е длабоко. Нивниот ефект може да се спореди со хемиски елемент – цврст како железо. Токму затоа, денешниот настан ја постави оваа формула: Нејзината приказна, пат и моќ, со надеж дека тоа ќе биде само почеток на ново лично откритие за секој што слушна и почувствува инспирација,” изјавуваат од Јуроп хаус.
Оваа иницијатива е дел од континуираните активности на Јуроп хаус за поттикнување на младинската активност и создавање можности за нивно поврзување со успешни професионалци и развој во кариера. Денешните настани ја испратија пораката дека со амбиција, упорност и поддршка, секоја млада девојка може да го изгради својот пат и да ги оствари своите цели.