СДСМ: Андоновски го призна скандалот со тендерите, итно да си поднесе оставка

Андоновски ги призна и ги потврди информациите на СДСМ, а со тоа и скандалот во кој тендерите во неговото министерство ги има добиено сопругот на државната секретарка Гордана Клинчарова, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија како одговор на денешната прес-конференција на министерот за дигитална трансформација.

 

Андоновски денеска имаше прес-конференција која следуваше по обвинувања изнесени од портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која рече дека во министерството на Андоновски, каде што втор човек е државната секретарка Гордана Клинчарова, тендери добивала фирма на нејзиниот сопруг, Мартин Клинчаров.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски рече дека се додека договорот со „Матео дизајн“ не дошол кај него за потпис тој не знаел дека постои таква фирма и смета дека во овој случај ниту еден дел од неговата изјава за судир на интереси не е прекршен.

Андоновски рече дека станувало збор за набавка на конференциска и презентациска опрема на која била пријавена само една компанија која ги исполнила бараните услови и критериуми, а за постапката никој не вложил никаква жалба.

По ваквите изјави на Андоновски од СДСМ преку писмено соопштение рекоа дека со неверување ја примиле „скандалозната изјава на министерот“.

„Наместо да се извини и да поднесе оставка, тој дрско се обиде да ја брани Клинчарова, а всушност ја дозакопа. Андоновски вели дека државната секретарка, во случајот сопруга на тој што го добил тендерот, била само ангажирана во административно – буџетско работење на министерството. А, државниот секретар во секое министерство, па и во неговото раководи со целата администрација“велат од СДСМ.

Според нив, Клинчарова е шефица на сите кои учествувале во водењето на постапката за оваа и на која било друга јавна набавка.

Оттаму реагираат и на изјавата на Андоновски дека не знае со кого е потпишан договорот.

„Изјавата дека не може да знае со кого е потпишан договорот паѓа во вода затоа што на договорот е неговиот потпис и потписот на сопругот на Клинчарова, Мартин Клинчаров“,додаваат од СДСМ.

Од партијата и во писменото соопштение бараат Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да постапат по овој случај, а Андоновски без одлагање да си поднесе оставка.

Back to top button
Close