Контраспин: Владата пости – премиерот и министрите не ги бива без папаја и октопод, граѓаните можат и со грав!
Невкусно, аздисано, па и срамно е премиерот да нѐ убедува дека е најнормално функционерите во Владата постите да ги тераат со тропско и егзотично овошје, октоподи, лососи, разни морски плодови…Просто не го личи цинизмот на премиерот кој трага по формулата како можело да се живее од воздух. Демек, време е на пости и нема што друго да се јаде?! Зарем не може пости да се поминат со некоја друга риба, со киви, портокали, јаболка? Па не постат само премиерот и министрите, што јадат оние обичните граѓани, сигурно не се на морски специјалитети и папаја….Некои можеби јадат, но најголемиот дел не можат да си ги дозволат. Или, тие можат да поминат и со грав?! Настрана што ова е прв пат еден премиер на вакво ниво да ги издигне постите, како да се некакво исклучително важно прашање за иднината на државата. Ако не сите, ама барем некои од досегашните премиери и министри во изминатите триесет и пет години постеле, ама од тоа не се направило драма во јавноста
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве прашан за информациите околу набавката на егзотично и тропско овошје, ја спинуваше вистината и рече:
Спин: Не знам дали тоа се точни информации. Ќе проверам и ќе ви дадам одговор.
Но, Прочитав и јас во некои медиуми дека се набавени 600 килограми банани. Јас банани не јадам, конкретно. Но, ќе го проверам сето тоа дали е така. Но, ако е целта да најдеме нов начин и нова формула во Владата, ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега сме во месец на рамазански и велигденски пости, внимаваме каква храна конзумираме. Конкретно, јас постам, знам дека голем дел од колегите и од христијанска православна вероисповест и од исламска вероисповест, постат и ги почитуваат овие пости. Така што во периодот ќе внимаваме овие трошења да ги сведеме ако е можно на нула за да не предизвикаме такви реакции
Контраспин: Откако во јавноста беше објавено дека Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) распишала тендери за набавка на октопод, лосос, разни морски плодови, но и на тропско овошје и зеленчук, меѓу кои се споменуваат банани, папаја, авокадо, аспарагус, премиерот со видлива доза на сарказам рече дека во Влaдата постат и не можеле од воздух да живеат! Извртувајќи ја вистината премиерот зборуваше за тоа дека сме во месец на рамазански и велигденски пости, па во Владата внимаваат каква храна консумираат. Притоа додаде дека и тој пости, како и голем број од министрите и од христијанска православна и од исламска вероисповест.
Зачудува што ова го кажува човекот кој додека беше во опозиција, но и откако стапна на премиерската функција, ги обвини неговите претходници дека расипнички трошеле државни пари.
Тоа што премиерот и министрите постат е нивно лично право и тука нема ништо спорно. За време на нивните пости тие може да си јадат што сакаат и од нивниот џеб да трошат на посни јадења онолку колку што мислат дека треба да потрошат.
Но, проблематично е кога премиерот нѐ убедува дека е најнормално функционерите во Владата постите да ги тераат со тропско и егзотично овошје и со морски специјалитети. Тоа е невкусно, аздизано, па и срамно. Тука просто не го личи сарказмот на премиерот кој трага по формулата како можело да се живее од воздух. Демек, време е на пости и нема што друго да се јаде?!
Мора ли додека се таму, на работа во Владата, да јадат лосос, октопод, морски плодови и од најскапите овошја? Не можат пости да се тераат со некоја друга риба, киви, портокали и јаболка, како што впрочем прават сите други граѓани. Па не постат само премиерот и министрите. Што јадат оние обичните граѓани, сигурно не се на октопод, лосос, папаја, аспарагус…. Некои можеби јадат, ама најголемиот дел не можат да си ги дозволат. Или, тие можат да поминат и со грав?!
Настрана што ова е прв пат еден премиер на вакво ниво да ги издигне постите, како да се некакво исклучително важно прашање за иднината на државата. Ако не сите, ама барем некои од досегашните премиери и министри во изминатите триесет и пет години (од првите повеќепартиски избори -1990 година, па наваму) постеле, но од тоа не се направило драма во јавноста.
Постот е лична работа за секој човек, вклучително и за премиерот и министрите, па нема никаква потреба со постот на Владата да се оптоварува јавноста, а уште помалку има место за цинизмот на премиерот. Тоа е во најмала рака некоректно кон оние кои можеби никогаш не пробале ниту октопод, ниту морска храна, ниту егзотично овошје… Такво арогантно однесување е сосема непримерно, па дури аздисано во ситуација кога Синдикатот се бори за зголемување на минималната плата на 500 евра.
Токму за ова реагираше партијата Левица од каде ја обвинија Владата дека троши државни пари за да се гостат со скапи деликатеси, како папаја, манго, аспарагус и други овошја и зеленчуци.
Додека платите на работниците не стигаат ниту за покривање на сметките за струја – владиниот врв се гоштева на грбот на граѓаните! Имено, Службата за општи и заеднички работи на Владата, склучи милионски договори за полнење на стомаците на владините функционери со скапи деликатеси. Наместо веднаш да го прифати предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра, владејачката коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ избра да троши народни пари на егзотични овошја и храна која е недостижна за обичниот работник: папаја, аспарагус, манго, ананас, авокадо, леб од по 100 до 440 денари и многу друго
И, згора на сѐ неодамна премиерот излезе и со куп забелешки за минималната синдикална кошничка која секој месец ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија, па набројуваше продукти, кои, ете, не требало да бидат во неа, како лименка нескафе, цигари, но и овошје кое се нашло во јануарската кошничка – цреши, праски, дињи или лубеница:
Еве јас во јануари дел од овие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари бидејќи малку е нелогично да имате цигари во минимална кошничка.
Прозвучува некако несоодветно кога премиерот вака педантно ја одмерува синдикалната кошница на едно четиричлено семејство, а од друга страна арогантно ни порачува:
Еве јас ќе ви кажам дека сега сме во месец на рамазански и велигденски пости, внимаваме каква храна консумираме.
Излегува дека владините функционери мора квалитетно да се хранат, како тие да се од некој друг ранг, повисок од обичните луѓе.