Илјас : Доставив писмо до Гаши дека не прифаќам да заседавам со Комисијата за социјална политика, направена е неправда кон Даути
Претседателот на Собранието, Африм Гаши го назначи пратеникот на „Европскиот фронт“ Бејџан Илјас да ја води собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади откако оваа Комисија остана без претседател по оставката на Илире Даути. Назначувањето на Иљас беше прв обид на Гаши за деблокада на оваа Комисија, но заврши неуспешно откако пратеникот го извести дека денеска не е во можност да присуствува по што денешната седница беше одложена.
Илјас во изјава за МИА вели дека до претседателот на Собранието денеска доставил потпишано писмо во кое го известил спикерот Гаши дека не прифаќа да претседава со оваа Комисија, особено не со точка на чиј дневен ред ќе биде Предлог-законот за бранителите.
– Јас и „Европскиот фронт“ мислиме дека е направена голема неправда кон нашата колешка која беше претседателка на Комисијата. Партиите треба да седнат и да се доекипира Комисијата и на таков начин да се води расправа за законите, вели Иљас.
Гаши во изјава за телевизија „Канал 5“ најавил дека ќе назначи претседавач од друга пратеничка група. Тој потврдува дека ќе преземе ваков чекор за кој вели дека е деловнички, бидејќи во оваа Комисија нема други членови од редовите на „Европскиот фронт“. Во опција се тројца пратеници од опозициските СДСМ и Левица, а останатите осуммина се од владината коалиција, но кого ќе избере, тој засега не открива.
Претседателот на Движење Беса која е дел од Коалицијата „Влен“и тетовски градоначалник Биљал Касами денеска одговарајќи на новинарско прашање околу Законот за бранители нагласи дека треба да има решение кое нема да создаде тензии во државата.
– Се работи за закон кој досега е три пати донесен и изменет. Ние се обидуваме да најдеме разумно решение за тоа ,а ако се работи за било што за бранителите треба да има соодветен однос и за другата страна која беше дел од конфликтот во 2001 година. Затоа не сакаме да има решенија кои во вакви ситуации ќе создадат тензии во државата. Тоа што е дадено како законско решение досега за бранителите мислам дека ги исполнува нивните потреби, а се што е друго треба да се имаат предвид двете страни затоа што според Охридскиот договор двете страни се прифатени како страни во конфликтот и треба да се има решение и за другата страна, рече Касами.
Проблемот во Комисијата за социјална политика почна во ноември минатата година откако пратеничката од Алијансата за Албанците Илире Даути одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители. Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 „против“ изгласа интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на пленарната седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.Еедна недела подоцна Даути поднесе оставка од претседателската позиција во Комисија.