Мицкоски: Владата одлучи да им додели на ракометарите премија од три милиони денари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски денес ги прими македонските ракометни репрезентативци кои во јануари настапија на Светското првенство во Хрватска.

За прикажаните игри, достоинственото претставување и пожртвуваноста, македонските ракометари ќе бидат наградени од Владата со три милиони денари.

-Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло.

Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината, истакна пред ракометарите премиерот Мицкоски.

Македонија Мундијалот со 32 репрезентации го заврши на 15. место со две победи, две нерешени средби и два пораза.

Премиерот Мицкоски и министерот Ристовски од ракометната репрезентација добија персонализирани дресови.

Back to top button
Close