Аерозагадување во Македонија – благо намалување во и натаму втората најзагадена европска држава
Швајцарската компанија АјКјуEр (IQAir) денеска го објави извештајот за аерозагадувањето во 2024 година. Трета година по ред, Македонија останува на второто место во Европа според загадувањето на воздухот. Македонски регионални градови одат кон врвот на најзагадени европски градови.
На листата со 138 најзагадени земји во светот во 2024 годинаа, Македонија е на 35 место со просечна концентрација на ПМ2,5 честички од 23,3 микрограми на метар кубен. И покрај намалувањето од скоро два микро грами во годишниот просек и подобра позиција за три места во светската ранг-листа, Македонија останува втора најзагадена држава во Европа, зад Босна и Херцеговина. Таа во светската листа е на 29 место со 25,3 микрограми на метар кубен. Србија е третата најзагадена држава во Европа, Албанија десетта, Косово е на 15 место, Бугарија на 18, а Грција на 20 место.
На листата со 121 главен град, во однос на загадувањето во минатата година, Скопје се наоѓа на 34 место – подобрување за четири места, со просечна загаденост од 21,6 микрограми ПМ2,5 честички на метар кубен.
Од европските главни градови, според загаденоста, пред Скопје е само Сараево на 22 место со просечна вредност на ПМ2,5 честички од 30,8 микрограми на метар кубен. Најзагаден главен град во светот во 2024 година бил Њу Делхи со 91,8 микрограми на метар кубен.
Кичево им се приклучи на Тетово и Струмица
Само осум проценти од регионалните европски градови ја исполниле препораката на Светската здравствена организација за максимални пет микрограми ПМ2,5 честички на метар кубен во годишниот просек.
Во 2022 година ниту еден град од Македонија не се најде на листата со 15 најзагадени регионални градови во Европа. Но, во извештајот за 2023 година се појавувија Струмица, како 12 најзагаден регионален европски град, и Тетово, како 14 најзагаден регионален град. Во најновиот извештај, пак, има три македонски регионални градови.
Тетово се искачил на осмото место како најзагаден регионален европски град лани. Кичево и Струмица, со иста просечна вредност во 2024 година, се наоѓаат на 11 и 12 место во листата со регионални градови во Европа.
Севкупно, квалитетот на воздухот во Европа во 2024 година покажува благо подобрување. Меѓу градови кои пријавиле податоци и за 2023 и за 2024 година, се забележува намалување на годишните просечни концентрации на честичките ПМ2,5 во 851 град. Истовремено, во 674 европски градови се забележа зголемување на нивоата.
Активистите и организациите пополнуваат празнини во државните податоци
Во швајцарската фирма, која ги изработува ранглистите врз основа на податоци од различни мерни станици, се нагласува дека евтините монитори за квалитетот на воздухот, користени од граѓани, локални активисти и организации се покажале како ефективни алатки за решавање на празнините во податоците.
„Загадувањето на воздухот останува критична закана и за здравјето на луѓето и за стабилноста на животната средина, но сепак огромни популации не се свесни за нивоата на кои се изложени“, смета Франк Хамес, глобален извршен директор на АјКјуЕр и додава: „Податоците за квалитетот на воздухот спасуваат животи. Тие создаваат многу потребна свест“.
Светскиот извештај за квалитетот на воздухот се оценува како клучен за поттикнување на промените во политиките и колективните напори за намалување на аерозагадувањето.
„Светскиот извештај за квалитетот на воздухот, кој собира мерења на загаденоста на воздухот од целиот свет, треба да биде групен повик за итни и заеднички меѓународни напори за намалување на загадувачките емисии“, вели Ејдан Фароу, виш научник за квалитет на воздухот во „Гринпис Интернешнл“ и додава: „Извештајот нè потсетува дека неуспехот да се дејствува денес ќе го почувствуваат идните генерации, додека честите укажувања за човечките активности, како горењето јаглен и уништувањето на шумите, се потсетник дека квалитетот на воздухот, климатските промени и светот што ќе го наследат нашите деца се нераскинливо поврзани“.
91,3%, или 126 од 138 земји и региони во светот, ја надминале годишната зацртана вредност на СЗО од пет милиграми ПМ2,5 честички на метар кубен.
извор: нота