Весна Дамева до пратениците: Мора ли да газите по живи луѓе?

Морате ли да газите по живи луѓе за да освоите политички поени – ги праша Весна Дамева, поранешната претседателка и сега членка на Судскиот совет пратениците, на расправата во Собранието за нејзината и другите четири интерпелации. Во, како што го опиша Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, „политичкиот говор“, таа најдиректно обвини за мешање на политиката во судството, за незаконски упад во независноста на третата власт и за обид да се замолчат и заплашат судиите.

Своето обраќање таа го започна со притисоците што ги трпела изминатите години откако беше избрана во ова тело, оценувајќи дека била предмет на постојани омаловажувања, деградирања, навредувања и дека и се спорела стручноста и компетентноста, на што не реагирала не затоа што се плашела, туку затоа што сето тоа го очекувала.

 

„Бев подготвена на тоа, дека вие политичарите ќе ги користите сите средства за да ми влијаете“, рече Дамева, додавајќи дека никогаш не дозволила на таков начин да ги носи одлуките, но дека нејзиното семејство не е должно да ги трпи тие политички игри.

 

Споменувајќи дека била во Собранието и кога се расправаше за годишниот извештај за работата на Судскиот совет, таа им порача дека гордо стои пред нив за последен пат, бидејќи нејзиниот мандат и онака завршува за неколку месеци и дека денес е тука не за да се брани себе, туку за да застане во одбрана на судството.

 

Потоа, наведе неколку причини против интерпелацијата, што е најава дека ниту еден од членовите за кои се гласа денес нема да си поднесе оставка, макар и да бидат изгласани.

 

Таа посочи дека „правото не признава колективна одговорност“ туку само индивидуална, дека судството не е потчинета власт на Собранието и на политиката туку е трета власт, дека пред очите на целата јавност преку телевизиски пренос се случува директен упад во независноста на судскиот систем, дека тоа мешање доаѓа од актуелната власт и дека пратениците тргнале на пат од кој нема враќање. Притоа укажа дека годишниот извештај за работата на Судскиот совет не може ни да биде причина за интерпелациите и праша – која е вистинската причина? – бидејќи е само документ со статистички податоци, уште повеќе што ни законски не може да биде причина за разрешувања (nezavisen.mk)

Повеќе

Back to top button
Close