Приградските населби мака мачат со јавниот превоз, ЈСП тврди дека има капацитет да ги опслужи

Покрај јавниот превоз во централното градско подрачје, Јавното сообраќајно претпријатие треба да ги опслужува и приградските населби кои гравитираат околу Скопје. Според информациите објавени на веб страницата на Јавното сообраќајно претпријатие, јавен превоз има до селата Рашче, Визбегово, Долно Лисиче, Љубен, Трубарево, Љубанци, Љуботен, Студеничани, Моране, Ржаничино, Катлановска Бања, Колонија Идризово, Арачиново, Брњарци, Орланци, Грушино, Бојане, Копаница, Сопиште, Матка, Побожје…

Од Јавното сообраќајно претпријатие во изјава за МИА велат дека моменталната состојба со јавниот превоз е подобрена и дека сите возачи максимално се трудат да го запазат предвидениот возен ред и да стигнат во претходно определениот термин.

Сепак, на нередовен јавен превоз се пожалија од Општина Сопиште од каде нагласуваат дека секојдневно до нив стигнуваат поплаки од граѓани. Велат дека проблемот е актуелен веќе две години, но дека во последно време станува се поалармантен – автобусите не сообраќаат по утврдениот возен ред, а често се случува неколку поаѓања и воопшто да не се реализираат. Поради нередовност на автобусите, граѓаните не можат да го планираат времето и доцнат на здравствени прегледи, работа, училиште, факултет….

Градоначалникот на Сопиште, Стефче Трковски во изјава за МИА вели дека квалитетот на испорачаните услуги е на незадоволително ниво и покрај тоа што како Општина навремено ги подмируваат финансиските обврски кон ЈСП.

– Автобусите доцнат или ги нема, на почетокот не беа редовни, но сега се случува и воопшто да ги нема. Имаме редовна комуникација со месните заедници, но и граѓаните се јавуваат, пишуваат дописи. Сето тоа ние го проследуваме, толку се нашите ингеренции, да го известиме Јавното сообраќајно претпријатие и Градот Скопје за квалитетот на нивните услуги. Најчесто немаме никаков одговор, немаме редовна комуникација, иако се обидуваме, вели Трковски во видео изјава за МИА.

Во општина Сопиште има околу 10.000 жители, но со оглед на тоа што станува збор за општина која во последните години стана доста атрактивна, бројот на жители за викендите се зголемува речиси двојно. Јавниот превоз, според проценките на општината, го користат околу 5.000 жители.

– Сопиште има променлив број на жители. До петок сме 10.000, но за викенд имаше уште 10.000 жители. Најголемиот процент од жителите го користат јавниот превоз како што се студентите, средношколците, добар дел од луѓето одат на работа со јавен превоз. Сакаме јавно да апелираме до ЈСП и до Град Скопје, како основач на ЈСП, час поскоро да го решат овој проблем затоа што жителите од општина Сопиште заслужуваат квалитетен јавен превоз како и сите останати жители на град Скопје, вели Трковски.

Патничка од Скопје во автобус на ЈСП вчера се здобила со тешки телесни повреди откако паднала на второто ниво во автобусот.

Од ЈСП во писмена изјава за МИА тврдат дека превозот во текот на денот, согласно возниот ред е реализиран навреме со чесни исклучоци кога станувало збор за исклучување на возилото поради технички проблем и неможноста навремено да се достави резервен автобус. Од неодамна, како што велат, на територија на општина Сопиште имале вклучено и од новите автобуси од типот MAN.

– Редовно сообраќа автобуската линија со бр.58 на релација Транспортен центар – с.Добри Дол, автобуската линија со бр.58А која сообраќа на релација Транспортен центар – с.Света Петка и за автобуската линија со бр.58В која сообраќа на релација Транспортен центар – Брзовец. Причините за некогаш ненавременото поаѓање на автобусите е главно метежот во собраќај или градежни активности, за кои се трудиме да бидат незачестени, велат од ЈСП.

Тврдат дека имаат доволно капацитет да ги задоволат потребите на жителите од оваа општина и дека преземаат се што е во рамки на нивните можности за редовен јавен превоз.

– Ги имаме земено во предвид нивните забелешки и превземаме се што е во наша можност за да сообраќаат редовно линиите, со оглед на актуелната ситуација во која е претпријатието и фактот дека возилата во возниот парк на ЈСП Скопје се со просечна старост од 13 години и тековно може да се случи каков било дефект. Ги замолуваме тамошните граѓани за разбирање, и се надеваме на понатамошна соработка како и досега што сме работеле на изнаоѓање на заеднички решениј, нагласуваат од ЈСП.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на својот фејсбук профил соопшти дека денеска стигнале седум од 33-те автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје.

Во општина Сопиште сообраќа автобусот бр. 58 кој го има во неколку линии, поточно број 58 кој оди до Добри Дол, 58б кој транзитира до Брзовец и 58а до Света Петка. Во летниот период има и 58-ца која гравитира од Нова Брезница до Јаболце.

Според информациите за возниот ред објавени на веб страната на Јавното сообраќајно претпријатие, во просек 58-ца треба да има на половина до еден час, а поретко одат 58а и 58б.

Back to top button
Close