Романската Социјалдемократска партија го исклучи поранешниот премиер Понта по неговата кандидатура за претседател

Романската владејачка Социјалдемократска партија (СДП) го исклучи од своите редови поранешниот премиер Виктор Понта, јави Диџи24.
Одлуката беше донесена на состанок на Националниот политички совет на партијата, со само еден глас против – од Раду Молдовен.

Оваа одлука следеше само неколку часа откако Понта ги поднесе документите за својата кандидатура на претстојните претседателски избори во мај.

Актуелниот премиер и лидер на СДП, Марчел Чолаку, неодамна изјави дека Понта нема да може да се кандидира како член на партијата, бидејќи коалицијата веќе има заеднички кандидат – Крин Антонеску.

Пред изборната комисија во Букурешт, Понта изјави дека Романија се наоѓа во најголема криза од 1989 година, политичка, економска и социјална.

„Изборите на 24 ноември се компромитирани, блокирани се кандидати кои не му одговараат на системот. Сакам да видам дали ќе ми биде дозволено да се кандидирам или сум исто толку опасен како другите забранети кандидати, изјави Понта.

Тој носеше црвена вратоврска и капа со натпис „Романија на прво место“ и вети дека од 19 мај Романија и нејзините граѓани ќе бидат приоритет.

Понта беше премиер од 2012 до 2015 година, а поднесе оставка по трагичниот пожар во клубот „Колектив“, во кој загинаа над 60 луѓе.

Back to top button
Close