Протест во Белград на 15 март: увертира за следната фаза?
Крај на „обоената револуција“, Денот Д или уште еден во низата протести по кои се ќе остане исто? Од претстојниот протест на 15 март во Белград се очекува многу. Што реално може да се постигне?
Крај на „обоената револуција“, Денот Д или уште еден во низата протести по кои се ќе остане исто? Од претстојниот протест на 15 март во Белград се очекува многу. Што реално може да се постигне?

По еднодневна блокада на Автокоманда на крајот на јануари, „протестниот караван“ се пресели од север кон југ на Србија. Од Нови Сад, преку Крагуевац, до Ниш – масовниот протест сега се враќа во главниот град. Студентите во блокадата повикаа на голем собир во сабота на 15 март во Белград, а плановите на организацијата уште се држат во тајност.
Сепак, многумина сметаат дека тој датум е Денот Д, алудирајќи на конечното разрешување на политичката и социјалната криза.Додуша, секој на свој начин.
„Имаме држава и ќе ви ја покажеме“
Владините претставници во последните денови често предупредуваа на немири, иако студентите повторно повикаа на мирни собири.

Така, претседателот Александар Вучиќпри гостувањето на РТС изјави дека државните структури се добро информирани за плановите на поединци кои ќе ги злоупотребуваат „блокадите“ и дека „речиси е невозможно да се избегне насилство во сабота, бидејќи ќе бидат извршени најтешки кривични дела против Република Србија“.
„Не сметаме на добрата волја на толпата. Имаме држава и ќе ви ја покажеме државата. Нашите единици ќе го издржат нападот, но тогаш државата ќе се однесува како што треба, ќе возврати и ќе ги уапси сите бунтовници“, рече претседателот.
Соговорниците на ДВ посочуваат дека ваквиот наратив е многу опасен и штетен, но дека се пласира само со една цел – да се спречат масовни протести.
Дали навистина ќе има Ден Д?
Новинарот Бошко Јакшиќ потсетува дека студентските протести никогаш не предизвикале насилство, поради што најавите за немири на највисоките државни функционери „можат да бидат подготовка на теренот, а тоа е особено загрижувачко“.
„Наративот за Денот Д е фабрикуван од владата, претставувајќи го како ден на инвазија, војна, конфликт. Зборувањето толку драматично има за цел да ги исплаши луѓето од потенцијалното насилство и да ги натера да мислат дека е подобро за нив да останат дома“, изјави Јакшиќ за ДВ.
„Со оваа реторика тој повеќе не ја исклучува репресијата, туку ја толкува како задача на државата да се одбрани. Меѓутоа, тука проблемот е изедначувањето на државата и власта. Никој не и се заканува на државата, туку ова е сериозна критика на системот, така што оваа приказна за обоена револуција е измислица и прилично провидна манипулација која нема да помине“.
„Психолошка војна против сопствениот народ“
Отворената најава за ескалација на насилството ја загрижува и психологот Ана Мирковиќ, која ваквите изјави на владините претставници ги оценува како „психолошка војна водена против сопствениот народ“.
„Оваа војна е сурова, бескрупулозна и не бира средства, а во оваа офанзива што ја започна има една единствена цел – на петнаесетти да дојдат што помалку луѓе во Белград. Затоа сее страв, омраза, се обидува да премести сè на терен каде што тој е апсолутно доминантен, каде што има целосна контрола и се чувствува поудобно“, објаснува Мирковиќ за ДВ.
Таа е скептична и за најавите дека тоа ќе биде пресуден ден во секој поглед, но смета дека непредвидливоста на студентите, кои се покажаа како мудри и промислени, „ќе не воведе во следната фаза, која воедно ќе биде и последна“.
„Затоа мислам дека неговите пропагандни кампањи со кои сака да ја негира масовноста на протестите немаат никаква шанса, дека моќта на народот ќе се покаже во полн капацитет и тоа е неговиот најголем кошмар“, вели психологот.
Студентите се многу внимателни во изнесувањето информации за претстојната блокада, наведувајќи дека станува збор за голема и сложена организација на најголемиот протест до сега.
Како што вели студентката Марија Мачек, не се плашат од најавените нереди, бидејќи сметаат дека лесно ќе се препознае „кога некој се однесува како индивидуа, а кога како дел од колектив“. Сепак, таа посочува дека дополнителен проблем ќе биде како да се заштитат студентите кои кампуваат пред Претседателството, членови на т.н. Група студенти 2.0, кои се против блокадите на факултетите.
„Иако идеолошки не се согласуваме со нив, не смееме да дозволиме некој да ги наштети. На ист начин како што би ги заштитиле луѓето кои дојдоа на нашиот протест, мора да го заштитиме и народот пред Претседателството. Мора да се внимава на многу работи, но верувам дека нема да има некои поголеми проблеми“.
Вонредна состојба или континуирани блокади
Изминативе денови во медиумите се зборува и за можноста за воведување вонредна состојба, која наводно би настанала во случај на големи немири на претстојниот протест.
Бошко Јакшиќ не ја исклучува таа можност. Тој посочува дека „степенот на неизвесност е голем, затоа што власта нема одговор и логично е да посегнат по репресија или вонредна состојба“.
„Вучиќ се обиде да ги смири протестите користејќи ги сите можни инструменти. Првично, преку репресија преку нивните платени насилници, потоа со обид за поткуп на студенти со евтини станбени кредити, па со разговор за странски разузнавачки служби, Хрвати, Албин Курти и обоената револуција. Кога ништо од тоа не помина, не може да се исклучи можноста во моменти на целосен очај да биде прогласена вонредна состојба“, рече Јакшиќ.
Политикологот Андријана Лазаревиќ сепак смета дека „не можеме да зборуваме за вонредна состојба во уставна смисла“. Таа смета дека најреално сценарио е продолжување на блокадите.
„Овие протести веќе поставија некои политички граници кои идните влади нема да можат лесно да ги игнорираат. Иако барањата не беа целосно исполнети, мобилизацијата создаде нова политичка реалност во која власта мораше да направи одредени отстапки. Блокадите може да доведат до ’ресетирање’ на политичката реалност и притисок врз институциите да исполнат одредени барања“, смета Лазаревиќ.

Што по 15 март?
Марија, студентка на завршна година за логопед на Факултетот за специјална едукација и рехабилитација во Белград, за ДВ вели дека малку се плашат, но потсетува дека студентите „многу ставаат на коцка“ со овој протест.
„Свесни сме за се што имаме да загубиме. Целата оваа блокада е жртва на високо ниво, може да изгубиме цела година. Дали се плашиме? Не, затоа што ние сме спремни да се жртвуваме за повисока цел, т.е. за нашите барања“, вели таа.
А, на прашањето што по протестот, шармантно ни одговара дека треба да се обратиме до надлежните институции. „Во овој момент, ние не сме вистинските луѓе на кои треба да им го поставите тоа прашање“. (dw)