Србија: Протестот на студентите во блокада почнува утре во 16 часот

Српските студенти во блокада објавија на својата Инстаграм-страница дека утрешниот протест во Белград ќе започне во 16 часот пред Собранието на Србија, пренесува телевизијата Н1.

Протестот е инициран од студенти, но тие повикуваат и сите граѓани кои бараат правда и функционални институции да им се придружат. Се очекува кулминација на незадоволството, а според некои проценки, на протестот би можеле да присуствуваат неколку стотици илјади луѓе. Учесниците бараат исполнување на студентските барања, одговорност и владеење на правото.

Протестите започнаа пред четири месеци како спорадични демонстрации со барање одговорност за смртта на 15 луѓе кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад, но брзо еволуираа во национално движење фокусирано на пошироки прашања како што се барањата за големи демократски реформи. Ова движење доби широка поддршка од различни сегменти на српското општество.

Студентите апелираат до учесниците да се воздржат од импулсивни реакции и каков било облик на насилство, додека, како што велат, власта јасно покажува дека не е подготвена да ги прифати нивните барања. Тие ги повикаа и претставниците на верските заедници во Србија да им се приклучат, нагласувајќи дека нивната борба не е политичка, туку општествена.

„Ве повикуваме, како и вашите претходници во клучните моменти на нашата историја, да бидете со народот и да помогнете гласот за вистина и правда да се слушне јасно и достоинствено“, порачаа студентите на Инстаграм.

Тие го упатија повикот до епископи и свештеници на Српската православна црква, поглавари и претставници на Римокатоличката црква, Исламската заедница, Еврејската заедница, протестантските цркви и другите верски заедници во Србија.

Во исто време, во Пионирскиот парк од 6 март кампува група која се нарекува „Студенти 2.0“. Оваа група се претставува како „студенти кои сакаат да учат“ и бараат прекин на блокадите. Тие добија поддршка од ветерани на поранешната Единица за специјални операции (JSO), осудениот воен злосторник Владимир Лазаревиќ, како и поранешниот командант на Жандармеријата Горан Радосављевиќ – Гури, кој е поврзан со убиството на браќата Битиќи, поради што Стејт департментот му забрани влез во САД.

Поддршка за оваа група изразија и Павле Бихали, лидер на екстремно десничарското движење „Левијатан“, како и Миќа Вациќ од ултрадесничарската Српска десница.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги замоли овие студенти да не остануваат во сабота во Пионирскиот парк, туку да одат во своите домови и да се вратат еден ден подоцна. Тој на средба со делегација на студенти изјави дека би бил благодарен ако го послушаат, но нагласи дека државните институции ќе се погрижат за нивната безбедност доколку одлучат да останат.

Тие денеска соопштија дека донеле одлука да останат во парокот и покрај стравувањата во јавноста за можни немири поради утрешниот голем протест, кој беше најавен пред две недели.

Собранието на Србија соопшти дека поради безбедносни причини, зградите на Народното собрание ќе бидат затворени до понеделник, за да се обезбеди протестот да помине без инциденти.

Исто така, Студентите во блокада се оградија од сите поединци, групи и организации кои, според нив, се обидуваат да го искористат протестот за политички цели. Тие реагираа на објавена аудио-снимка од состанок меѓу организацијата „Став“ и членови на партијата „Движење на слободни граѓани“, која синоќа беше емитувана на телевизии со национална фреквенција.

Укажувајќи дека на снимката јасно се слуша договор за стратегии за поттикнување и манипулација со толпата и обиди за преземање на сцената, студентите наведуваат дека се длабоко разочарани и зачудени од ваквите постапки на организации кои тврдеа дека ги застапуваат студентските интереси.

„Затоа, уште еднаш јасно се оградуваме од сите организации и партии споменати во снимката. Ние не сме дел од какви било политички калкулации, ниту ќе дозволиме студентската борба да се користи за туѓи интереси. Студентите се тие кои ја кренаа Србија и студентите ќе одлучуваат за својот протест, без манипулации, без партии и без скриени агенди“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи.

Back to top button
Close