„Студентите во блокада“ со апел пред големиот протест: Да бидеме обединети, да бидеме одговорни. Да се водиме од разумот, емпатијата и заедништвото
Студентите во блокада на официјалните социјални мрежи објавија правила на однесување пред големиот студентски митинг што се одржува денеска во Белград.
„Овој протест е израз на нашата борба за правда, солидарност и иднина што заедно ја градиме. Затоа е важно сите да ги почитуваме основните принципи кои не водеа од самиот почеток. Силно ја осудуваме секоја форма на насилство. Од првиот ден се бориме против репресијата и неправдата кои јасно се вршеа преку овој систем. Не сакаме нашите постапки да го загрозат она што го постигнавме досега. Оваа борба ја градиме веќе три месеци со солидарност, посветеност, љубов и труд“, се вели во соопштението објавено по полноќ.
Апелираат до граѓаните на никаков начин да не ја загрозуваат нивната борба со непромислени потези
„Целта на овој протест не е да се нападне ниту една институција, ниту да се нападнат неистомислениците. Не сакаме да дозволиме ниту еден чин да го одвлече вниманието од суштината на нашата борба и да го доведе во прашање сето она за кое се залагаме. Ова движење не смее да се злоупотребува. Мора да останеме достоинствени и да покажеме дека сме одговорни, дека ја разбираме тежината на моментот и дека сме свесни за последиците од нашите постапки“, нагласуваат во своето соопштение Студентите во блокада.
Напоменуваат дека се против секаков вид вандализам, и дека не сакаат да ги доведуваат во тешка ситуација работните луѓе.
„Не сакаме да чистат по нас и да поправаат. Нашата борба не е борба за уништување, туку борба за создавање. Нема да дозволиме нашите протести да бидат обележани со инциденти, туку исклучиво со нашата одлучност и заедничка визија за подобро општество. Затоа ве повикуваме сите – да бидеме обединети, да бидеме одговорни. Да се водиме од разумот, емпатијата и заедништвото. Се бориме за промени кои ќе донесат подобра иднина, но можеме да ги постигнеме само ако се држиме до нашите принципи и ја покажеме силата на достоинството и солидарноста. Да чекориме заедно, гласно и одлучно, но мирно и одговорно. Ова е нашата борба, ова е нашата иднина и сето тоа го градиме заедно“, се заклучува во соопштението.