Додека народот е на минималец, Трендафилов одработува за СДСМ и е на максималец, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Слободан Трендафилов, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) одработува за опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), обвинуваат денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочија дека Трендафилов не води никаква битка за правата на работниците, туку дека неговата борба е со цел да се оддолжи и да одработи за опозициската партија, зашто незаконски е поставен за прв синдикалец, кој ужива бенефиции.

„Откако го премолчи периодот на владеење на СДС и тогаш не бараше повисока плата за работниците, сега Трендафилов како на копче се активираше. Неговите барања се илузорни и неаргументирани. Не се поткрепени со никакви анализи. Единствено се подготвени и проилегуваат од кујната на СДС, кои тој како нивен портпарол ги презентира во јавноста“се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој молчеше, велат од владејачката партија, и кога над пола милион граѓани во времето на СДСМ беа оставени на раб на сиромаштија со по 150 денари на ден и кога од 70 до 80 илјади луѓе во државата имаа одвај три пристојни оброци неделно.

„Тогаш, Трендафилов како дел од ССМ не побара од владата на СДСМ да ги покачи платите за македонските граѓани и работници да имаат пари за пристојни оброци“,пишуваат од владејачката партија.

Оттаму додаваат и дека на првиот човек на ССМ никој не му верува, ниту јавноста, ниту работниците, зашто знаат дека ги искористува, додека тој ужива во бенефиции, удобен живот, репрезентации и службено возило.

„Додека народот е на минималец, синдикалецот на опозицијата е на максималец. Денеска ќе соопштиме колку заработува омилениот синдикалец на Филипче“посочија од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Трендафилов ќе биде запаметен како единствен синдикалец кој не го поздрави покачувањето на платите во здравството и во образованието, кое досега е историско највисоко.

Трендафилов пред неколку дена најави дека ако не најдат заеднички јазик со Владата за раст на минималецот и за обврските од Колективниот договор за јавниот сектор, големи се шансите да се повтори ланското сценарио и на 2 и 7 април работниците да излезат на улица.

ССМ предлага, покрај усогласувањето овој месец, минималната плата да се покачи за дополнителни 6 000 денари, износ за кој побара Владата да се откаже од придонесите или да ги субвенционира во период од една година.

Back to top button
Close