Мајка на жртва од трагедијата во Нови Сад: Овие деца ме вратија во живот
Во петокот, десетици илјади луѓе ги „окупираа“ белградското Теразие, улицата „Кнез Милош“и сите пристапни улици за да им приредат величествено добредојде на оние што пешачеа и со велосипеди со денови доаѓаа од цела Србија до главниот град во чест на 15-те луѓе кои загинаа под настрешницатана железничката станица во Нови Сад.
Сите дојдоа полни со ентузијазам, волја и сила да ги кажат своите ставови, но една жена имаше дополнителен мотив да дојде и да ги поддржи младите од Србија во нивната потрага по вистината. Дијана Хрка, мајката на 27-годишниот Стефан, една од 15-те жртви во новосадската трагедија, дојде на Теразие да им даде поддршка на студентите, а тие ја пречекаа со полно срце и душа. Тие плачеа со неа, ја прегрнаа и ѝ се заблагодарија што собра сили да дојде и да ги поддржи.
„Стефан работеше во Нови Сад и требаше да се видиме тој викенд, но…“ – г-ѓа Дијана не ја заврши реченицата. Таа пукна во солзи. Поминаа четири и пол месеци од смртта на нејзиниот син, но болката сѐ уште е неопислива.
„Не можам да ви опишам низ што поминував и како се чувствував сите овие месеци. Тоа е огромна загуба и чувствувам голема празнина, но овие деца ме вратија во живот“, рече оваа храбра жена во црно откако ги избрише солзите.
„Простете ми што ќе го кажам ова, но мислам дека никогаш не сме имале ваква генерација. Храбри, силни, решителни, паметни, чесни… Никој не може да ги купи и се наежувам кога некој ќе каже дека овие деца се купени. Морам да употребам лош збор овде, но навистина ми се гади кога некој ќе го каже тоа. Тоа се деца кои даваат пример, сега ни одржуваат лекција, ни одржуваат лекција што самите не успеавме да ја одржиме“, рече г-ѓа Дијана. (nezavisen.mk)