Бах доживотен почесен претседател на МОК, наследникот ќе биде познат в четврток
Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во заминување, Томас Бах, со акламација беше избран за доживотен почесен претседател, на денешното заседание во грчкиот град Пилос.
Бах (71), германски адвокат и поранешен олимписки првак во мечување, застана на чело на МОК во 2013 година, а официјално ќе ја напушти должноста на 23 јуни.
Неговиот наследник ќе биде избран в четврток.
За претседателското место во МОК има седуммина кандидати.
Главни претенденти се потпретседателот на МОК, Хуан Антонио Самаранч Јуниор, министерката за спорт на Зимбабве, Кирсти Ковентри и претседателот на Светската атлетика, Британецот Себастијан Коу.
Претседателот на Меѓународната велосипедска федерација Дејвид Лапартиент, шефот на Меѓународната федерација во гимнастика Моринари Ватанабе, јорданскиот принц Фејсал Ал Хусеин и мултимилионерот Јохан Елијаш, кој ја предводи Меѓународната федерација во скијање и сноуборд, го комплетираат составот кандидати за претседател на МОК.