Мециновиќ: Баравме оставка од Тошковски, ќе поднесеме интерпелација
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ во гостување на тв 24 рече дека ги охрабруваат институциите да спроведат истрага за несреќата во Кочани. Објасни и дека доколку министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски не си поднесе оставка, ќе поднесат интерпелација.
„Вистината е дека ова не беше несреќа, ова беше смртна стапица и временска бомба која судбината само требаше да одреди ден да се случи. Овој инцидент се случи со потпис, со печат, со премолчување. Ова е директен резултат на сите политички чинители кои го правеле овој систем. Оваа генерација се чувства како да нема што да изгуби. Ние сме на дното. Се чувствуваме како да живееме во најлошата држава во светот. Општеството е будно цело време, политичарите се тие кои спијат. Ние како опозиција бараме државнички одговор од власта, тие се обврзани да го дадат, ги повикуваме да создадат безбеден и сигурен амбиент а не дополнителен страв. Во однос на инцидентот има страшни безбедносни пропусти кои се очигледни, има траорни сведоштва дека полицијата не постапувала кога се случувала трагедијата. Ги охрабруваме надлежните да ја спроведат истрагата. Поучени од претходните несреќи кои немале задоволителна разрешница, баравме оставка од Министерот за внатрешни работи, доколку не поднесе за 7 дена ќе поднесеме интерпелација за министерот Тошковски“, рече Мециновиќ.