Уште на осум семејства на повредените што се лекуваат во странство им се исплатени по 150 илјади денари

Од Црвен крст велат и дека во тек е прибирање на податоци за повредените лица што се лекуваат во домашните болници

На уште осум семејства на повредните во пожарот во Кочани, а кои се лекуваат во болниците надвор од земјава, им се исплатени по 150 илјади денари, информираат денеска од Црвениот крст.

 

Во денешното соопштение се вели дека досега со исплатата се опфатени 58 семејства од починатите лица вклучувајќи го и тоа на починатиот возач на Брзата помош од Кочани.

 

За разлика од вчерашната информација од Црвениот крст во која беше наведено дека исплата е извршена на 91 семејство на пациенти што се лекуваат во странство, денеска таа бројка е зголемена на 99.

 

 

Од Црвениот крст велат дека за две семејства од починатите лица и 16 семејства од повредените што се хоспитализирани во странство се чекаат дополнителни податоци за да може да се изврши исплатата. Исто така, додаваат и дека во тек е прибирање на податоци за повредените лица што се лекуваат во домашните болници.

 

Заклучно со денешниот ден, како што информираат од Црвениот крст, собрани се вкупно 65 978 726 денари, што е за 4 125 968 денари повеќе од вчера кога имаше донации во висина од 61 852 758 денари.

 

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити на прес-конференција пред два дена рече дека причината зошто досега не се исплатени средствата е поради собирањето на личните податоци и согласноста за нивно користење. Откако ќе ги соберат сите потребни изјави за користење на лични податоци на повредените и нивните семејства, како што најави, веднаш ќе се пристапи кон исплата на паричната помош

Back to top button
Close