Европската комисија предложи царини од 25 отсто за американски производи како одговор на мерките на Трамп

– Европската комисија предложи воведување на одмазднички царини од 25 отсто за низа американски производи како одговор на царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на челик и алуминиум, јави Ројтерс повикувајќи се на документ до кој добила пристап агенцијата, пренесува БТА.

Според документот, дел од царините ќе стапат во сила на 16 мај, а остатокот на 1 декември.

Списокот на производи опфатени со мерката е разновиден и вклучува дијаманти, јајца, колбаси, живинско месо и други производи. Царините за бадеми и соја ќе се применуваат од декември.

Еврокомесарот за трговија, Марош Шефчович, претходно денеска изјави дека предложените контрамерки ќе имаат помало економско влијание од првично проценетата вредност од 26 милијарди евра (28,45 милијарди долари).

Од почетниот список се отстранети бурбон, вино и млечни производи. Комисијата во март разгледуваше можност за 50 отсто царина на американскиот бурбон, што доведе до закана од Трамп за воведување на 200 отсто одмазднички царини на алкохолни пијалаци од ЕУ — закана што особено ги загрижи Франција и Италија поради нивната силна винска индустрија.

Покрај новите мерки, ЕУ од 1 април ги зајакна постојните заштитни мерки за челик, со цел да го намали увозот за 15 отсто, а разгледува и можност за квоти на увоз на алуминиум.

Земјите-членки на ЕУ треба да гласаат по предлогот на 9 април.

Back to top button
Close