Партиските простории се транспарентно и легално купени со хипотекарен кредит, вели Мециновиќ
„Идејата за купување на простории дојде од деветгодишното постоење на Левица и сметаме дека е време да ги обезбедиме нашите први простории како политичка партија. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обидувајќи се криминалот кој тие го имаат создадено преку својата „бела палата” која чини 60 милиони евра и за која плаќаат над 10.000 евра сметки за струја месечно, знаејќи дека целата јавност има веќе оформено став за нивниот криминоген имот – пробаа таа флека да ја пресликаат на други партии, но неуспешно“, вели пратеникот и портпарол на Левица – Амар Мециновиќ.
„Премиерот мавташе со документите за овие простории како да се тајни, а всушност сите тие се достапни во катастарот за недвижности. Тие простории беа подолго време оставени празни и секој заинтересиран можел да ги разгледа и набави бидејќи беа изложени со натпис.
– Advertisements –
Ова е дел од една поширока ‘стратегија’ на ВМРО-ДПМНЕ која ја гледаме во последните денови, во која напаѓаат синдикалци и сѐ она што се однесува на нив, пробувајќи да ги поистоветат сите други општествени чинители со нивната криминогеност за да пробаат да ја “израмнат работата” и да бидат повторно некако над сите.
Претставуваат како Левица да зела цела зграда, кули, хотели, а всушност земавме подрумски простории кои беа руинирани. И се работи за хипотекарен кредит кој е земен, не од банката која го нудеше овој имот, туку од друга банка – се обезбедија средства да се купат просториите и тие да се реновираат. Ние не сме најбогатата партија во најсиромашната држава и ние нашите простории ги обезбедуваме на легален и многу транспарентен начин.
Во целата приказна со просториите, нема никакво посредство со извршител. Не се наоѓаме во морална стапица, сметаме дека идеолошки, прагматично и во пракса дека приватните извршители се погрешна работа и повторно ќе поднесуваме закони во врска со нив“, изјави пратеникот и портпарол на Левица – Амар Мециновиќ.