Дали Израел отвора пат за планот на Трамп за „Ривиера Газа“?

Израел има намера дополнително да напредува во Појасот Газа. Минатата среда израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека израелските вооружени сили ќе воспостават нов безбедносен коридор меѓу јужните градови Рафах и Кан Јунис. „Го пресекуваме Појасот Газа и го зголемуваме притисокот чекор по чекор, за да ни ги предадат нашите заложници“, рече Нетанјаху.

.EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Во четвртокот (3.07) Хамас го отфрли предлогот на Израел за нов прекин на огнот. Оваа палестинска исламистичка милиција – која Израел и многу други земји, вклучително и Германија, ја сметаат за терористичка организација – потврди дека е заинтересирана само за постојан прекин на огнот. Како услов за ослободување на преостанатите 59 израелски заложници, Хамас бара израелско повлекување од Појасот Газа и ослободување на дополнителни палестински затвореници.

 

Израел ја блокира хуманитарната помош

Палестинското население повторно е тешко погодено од новото избивање на борби меѓу израелската армија и Хамас. Според последниот извештај на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци на Блискиот Исток, УНРВА, Израел со наредби за евакуација расели околу 142.000 луѓе во Газа помеѓу 18 и 23 март, вклучително и од градот Рафах на границата со Египет.

Според Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, најмалку 1.249 Палестинци биле убиени меѓу 24 март и 6 април 2025 година. Олга Черевко, портпаролка на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), наведе дека повеќе од 60 проценти од Појасот Газа се „забранета зона“ поради израелските наредби за евакуација.

Освен тоа, Израел веќе еден месец ја блокира хуманитарната помош за Газа. Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) неодамна објави дека мора да ги затвори сите свои пекари поради недостиг од залихи.

 

Гладот ​​и смртта се секојдневие

Од друга страна, израелската управа за палестински прашања во соопштение наведе дека за време на прекинот на огнот помеѓу јануари и март, во Газа биле испорачани повеќе од 25.000 камиони со 450.000 тони помош. Тоа одговара на околу една третина од вкупната помош, која беше испорачана за време на 15-месечната војна.

 

Палестинецот Мохамед ал Курд за агенцијата АП изјави дека морал да ги испрати своите дванаесет деца на спиење без вечера. „Им порачуваме дека треба да бидат трпеливи, утре сабајле ќе купиме брашно, ги лажеме и нив и самите себе”.

Израел започна воен напад врз Појасот Газа како одговор на терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, кога борци од Хамас и други милитантни исламистички групи убија околу 1.150 луѓе и киднапираа 251 лице во Газа. До денес во рацете на киднаперите сѐ уште се 59 заложници, од кои, според податоците, живи се само 24 лица. Повеќето од другите беа ослободени од Хамас во замена за палестински затвореници. Неколкумина беа ослободени од израелската армија, додека тројца заложници беа убиени по грешка од израелските војници.

Според палестинските податоци, во оваа војна досега се убиени повеќе од 50.000 Палестинци – цивили и борци. Иако овие бројки не можат независно да се проверат, меѓународните организации како ОН ги сметаат бројките за веродостојни.

 

„Губење надеж на сите страни“

Во меѓувреме, според предупредувањата на меѓународните хуманитарни организации, хуманитарната состојба за околу 2,3 милиони Палестинци во Појасот Газа продолжува да се влошува. Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека обновувањето на непријателствата и насилството доведува до „губење на надежта на сите страни“.

„Човекот веќе не се ни чувствува жив“, изјави за американската новинска агенција АП Ихаб Сулиман, поранешен универзитетски професор од Газа. „За нас животот и смртта станаа едно исто.” Сулиман веќе осум пати бегал низ Газа поради конфликтот. Николас Ор, поранешен деминер на британската армија, за агенцијата АФП изјави дека неексплодираните убојни средства – таканаречените „слепи куршуми“ убиваат просечно две лица на ден. Најмногу се погодени децата кои ги пребаруваат урнатините од урнатите згради. „Збирате нешто и тоа експлодира – заедно со вас, вашето семејство и она што останало од зградата“, ја опишува ситуацијата во Газа Николас Ор.

 

Артилериска граната го чинеше 15-годишниот Ахмед Азам од Рафах губење на ногата: „Ги пребарувавме остатоците од нашата куќа“, изјави Азам за АФП. „Не знаев што е тоа, но наеднаш експлодираше.” Тој се здобил со тешки повреди на двете нозе, а едната морала да му биде ампутирана.

 

Нетанјаху го поддржува планот на Трамп за преселување

„Нема експлицитно објаснување од Израел, но логично е да се претпостави дека хуманитарната помош е блокирана за да се принудат луѓето да бегаат“, изјави за ДВ Нејтан Браун, професор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

„Ако ја бомбардирате областа, ги принудувате жителите на Газа постојано да се движат од едно место на друго, а потоа не им давате хуманитарна помош, тогаш она што Израел го нарекува доброволно заминување од Газа изгледа многу помалку доброволно“, објасни тој.

На социјалната мрежа Икс, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за првпат јавно ја изрази својата поддршка за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за евакуација на Палестинците од Појасот Газа: „Ќе се грижиме за општата безбедност во Газа и ќе овозможиме спроведување на планот на Трамп за доброволна миграција.”

Во февруари, Доналд Трамп најави дека САД ќе ја „преземат“ Газа и ќе ја претворат во „ривиера на Блискиот Исток“, односно во модна крајбрежна област. Трамп ги повика арапските соседи, особено Египет и Јордан, да го прифатат палестинското население. Предлогот беше нашироко отфрлен, а Обединетите нации предупредија дека може да се сфати како етничко чистење.

 

„Она што јасно го гледаме од изјавите на израелското политичко раководство, па дури и од воените планови е дека тие всушност ги поставуваат темелите и го започнуваат процесот на депопулација на Газа“, изјави за ДВ Амџад Ираки од Меѓународната кризна група, глобална организација за спречување конфликти.

Многу од ова, вели Ираки, укажува дека „Израел во основа се грижи за колективното казнување на палестинското население – и во Газа и на Западниот Брег”.

Back to top button
Close