Управител на приватна фирма од Куманово и двајца службеници го оштетиле буџетот за над 22 милиони денари
Управител на приватна фирма од Куманово, вработена во кумановската пошта и вработена во Јавното претпријатие за државни патишта го оштетиле буџетот за над 22 милиони денари (22.294.343 денари) со неисплаќање на надомест (патна такса) на Јавното претпријатие, соопшти Финансиската полиција.
Сопственикот на кумановската компанија „Пин петрол“ иако бил свесен дека не се врши редовна уплата на пари по основ на надоместок за јавни патишта кон Јавното претпријатие за државни патишта согласно месечните извештаи за регистрација на возила од надоместокот за Јавни патишта (патна такса), ја злоупотребил службената положба и овластувања и не преземал ништо за уплата на парите иако имала добиено овластување од Министерството за внатрешни работи да врши технички преглед на возила од 1 август 2019 до 30 септември 2024 година.
-Како што информира Управата за финансиска полиција, се работи за првопријавениот Д.П. во својство на управител и одговорно лице во правно лице Пин Петрол ДОО Куманово, кое врши работи од јавен интерес согласно Законот за возила на РСМ. Тој иако бил свесен дека од страна на Пин Петрол ДОО Куманово не се врши редовна и перманентна уплата на парични средства по основ на надоместок за јавни патишта кон Јавното претпријатие за државни патишта согласно месечните извештаи за ставки од Регистрација според вид и подкатегорија на возила од надоместокот за Јавни патишта ја злоупотребил својата службена положба и овластување доверена од Јавното претпријатие за државни патишта со Договор за извршување работи за наплата на надоместокот за употреба на јавните патишта (патна такса), а за кој претходно Пин Петрол ДОО Куманово има добиено овластување од Министерството за внатрешни работи да врши технички преглед на возила, на начин што спротивно на обврските од Договорот не извршил контрола и не преземал никакви мерки и дејствија за реална уплата кон Јавното претпријатие за период од 1 август 2019 до 30 септември 2024 година – соопшти Финансиската полиција.
Второпријавената, со презиме Спасовска, вработена во кумановската пошта со „Пин петрол“ со намера да прибави противправна имотна корист за себе, наплатените пари од правни и физички лица на име надоместок за јавни патишта, ги присвоила за себе.
-Средствата требало да ги уплати на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта преку Договорната пошта, а за што била должна согласно Договор за вработување во Пин Петрол и Договор за извршување работи за наплата на патна такса на Пин Петрол склучен со ЈПДП – се вели во соопштението.
Последната алка во шемата била вработена во Јавното претпријатие за државни патишта, која иако имала увид дека пари не се наплаќаат, не реагирала.
-Третопријавената Н.С. во својство на службено лице во Јавното претпријатие за државни патишта, постапила несовесно при вршењето на своите овластувања и должности. Таа пропуштила должна контрола и надзор на разликата помеѓу приливите од станицата за технички преглед Пин Петрол Куманово по основ Патна такса и покрај тоа што на увид ги имала месечните извештаи од станицата за технички преглед каде е наведено колкав износ по горенаведениот основ е наплатен од нивна страна, со што предизвикала штета на Буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта – соопшти Финансиката полиција.
Според неофицијалните компании, второосомничената била во роднинска врска со поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а сегашен координатор на пратеничката група на СДСМ. Компанијата „Пин петрол“ испрати соопштение во кое демантира било каква поврзаност со Спасовска.
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против три лица под сомнение дека ги сториле кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Проневера во службата“ и „Несовесно работење во службата“.
-Како компанија “Пин Петрол” во целост демантираме и се оградуваме од наводите на некои медиуми кои пренесоа информација за некаква поврзаност со уапсената Габриела Крстевска. Ние како компанија немаме никаква сопственичка ,правна и родбинска поврзаност со осомничената, велат во демантот испратен до медиумите од компанијата “Пин Петрол” Куманово. Ние како правно лице имаме склучено договор со АД Пошта Македонија (подружница Пин Петрол) за кое осомниченото лице Габриела Крстевска има работено. Како компанија најостро ги осудуваме ваквите наслови на некои медиуми и за било какви информации во врска со осомничената одговорите треба да ги барате во АД Пошта Македонија. Сета документација во врска со нашето правно лице се доставени до надлежните органи за кои имаме одговор дека немаме никаква поврзаност со овој настан, стои во демантот на компанијата – велат од компанијата.