ДУИ и ВЛЕН ги вкрстија копјата: Кој добива членство?

„Уморни се од поделени, слаби и маргинализирани партии, кои освен што се слуги на премиерот, непоправливо ѝ нанесуваат штета на албанската кауза. Тие разбраа дека Албанците не можат да бидат претставени од структури кои немаат ниту моќ ниту влијание. Ова е одлуката што сѐ почесто ја носи секој Албанец, кој разбрал дека само во структура како ДУИ може да има достојна застапеност и можност за реализација на целите“, порачаа од Мала Речица.

Во видео од средбата на која тврдат дека им се приклучиле на 50 лица, од ДУИ пренесуваат изјави на граѓани кои конвенираат со она што го соопштува партијата. Еден од нив вели дека гласал за ВЛЕН затоа што верувал во промени, но дека таа колиција нема ниту моќ ниту тежина, па затоа избрал да биде во ДУИ.

„Ова е јасна порака: Албанците веќе не можат да очекуваат од оние кои не се способни да ги заштитат нивните интереси. Дојде време сите да се вратат таму каде што може да се направи вистинска промена – во ДУИ”, соопштија од опозициската партија.

„Во моменти кога е загрозен националниот интерес, сите мора да одговорат на повикот“, им порача Бујар Османи, а Блерим Беџети им се заблагодари за нивната  искреност и храброст.

ВЛЕН: ДУИ е во паника

„ДУИ лаже и покажува дека е во паника“, велат од ВЛЕН.

Оттаму објаснуваат дека ДУИ собрала вработени во јавните претпријатија во Скопје, каде што се на власт заедно со Данела Арсовска и Левица, за да ги претставуваат како нови членови на ДУИ.

„Директорите на ДУИ во некои јавни претпријатија во Скопје донесоа членови на ДУИ, вработени преку ДУИ, а денес уценети од ДУИ, за да ги претстават како нови партиски членови“, велат од ВЛЕН, додавајќи дека целата мизерна претстава била направена со цел Бујар Османи и Блерим Беџети да имаат со кого да се сликаат.

Од ВЛЕН апелираат до чесните членови на ДУИ да не се плашаат и да си го зачуваат достоинството, бидејќи локалните избори ќе се одржат за неколку месеци и на тие избори во Скопје, Чаир, Сарај, но и во целата земја ДУИ ќе претрпи загуби.

„Да разјасниме: оваа претстава е осмислена и организирана од Блерим Беџети и Бујар Османи, а ја направија директорите на Данела, ДУИ и Левица во Скопје. Откако ќе се смени локалната власт, ќе има последици и одговорност за директорите“, порачаа од ВЛЕН.

Северна Македонија | коалиција ВЛЕН
„ДУИ лаже и покажува дека е во паника“, велат од ВЛЕНФотографија: Vlen

За една недела ќе се расчисти маглата

Наративот на ДУИ за „поделени, слаби и маргинализирани партии“ доаѓа во време кога сѐ уште не е извесно дали крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари ќе остане и ќе биде дел од ВЛЕН. Упатени во состојбите во албанскиот блок партии, сметаат дека тактизирањето на Таравари ѝ отвора маневарски простор на ДУИ за да креира перцепцијата дека во ВЛЕН работите не одат како што треба, и да си обезбеди т.н. психолошка предност дека „ДУИ расте и ја води играта“.

Изет Меџити, лидерот на Демократското движење кое е дел од ВЛЕН, признава дека изјавите на Таравари се контрадикторни.

„Ние кои имаме политичко искуство, го препознаваме ова како купување време и бидејќи не сме без политичко искуство, ја забрзавме иницијативата за спојување на ВЛЕН и јавно кажуваме и сега – сакаме да ја имаме Алијанса за Албанците како дел од ВЛЕН, но сакаме Алијанса во која нема да биде ДУИ како опција“, изјави Меџити на ТВ Алсат.

Но, доколку остане надвор од ВЛЕН, според Меџити, Таравари треба да оди таму каде што е ДУИ. Затоа што – соработката на Таравари од власт, со ДУИ во опозиција – би значело дека утре ќе им донесе барања на ДУИ во владината коалиција. Тој очекува за една недела да се расчисти оваа состојба.

„Ако проблемот е ВЛЕН, ако е проблем владеењето, посоодветно е, машки и отворено да се каже – не сакам соработка со вас, сакам со ДУИ, но тогаш тој да оди кај ДУИ. Значи да оди во опозиција“, вели Меџити.

„Тешко е да се замисли“

Соговорник, кој се дистанцирал од АА, вели дека е многу интересно зошто сега молчи Зијадин Села (со оглед на фактот дека Алијанса за Албанците се подели на два крила – едно предводено од Села во коалиција со ДУИ, и друго предводено од Таравари кое е во владејачката коалиција на ВЛЕН).

„Многу пораки си разменија тогаш двајцата (Села и Таравари), исто како и на изборите. Ако Села мораше да проголта горчлива кнедла што од анти-ДУИ партија заврши со ДУИ во Европскиот фронт, на Таравари ќе му биде потешко да ги објасни пред електоратот евентуалните екскурзии – денес со ВЛЕН, утре можеби не, но со кого? Тешко е да се замисли дека после сѐ, евентуално би се нашле во ситуација повторно да орбитрираат во исто јато ‘со или околу’ ДУИ, без разлика дали тоа би било формално или не. Како што тоа не му донесе додадена вредност на крилото на Села, така нема да му донесе ни на Таравари, напротив“, оценува тој. (dw)

Back to top button
Close