Еди Хау ќе пропушти уште два натпревари со Њукасл поради болест
Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, кој беше хоспитализиран поради влошена здравствена состојба, ќе ги пропушти следните два натпревари на тимот, објави клупската прес-служба.
Стручњакот бил примен во болница на 11 април. Според „Скај Спортс“, му била дијагностицирана пневмонија. Во натпреварот од 32. коло на Премиер лигата против Манчестер Јунајтед (4:1) тимот го предводеа помошниците на Хау – Џејсон Тиндал и Греам Џонс.
-Клубот ги испраќа своите најдобри желби и поддршка до Еди и неговото семејство додека тој продолжува да закрепнува. Тиндал и Џонс ќе го водат тимот на натпреварите од Премиер лигата против Кристал Палас (16 април) и Астон Вила (19 април). Дополнителни информации ќе бидат објавени во догледно време, се вели во соопштението на “црно-белите”.
Њукасл на 31 натпревар освои 56 бода и се наоѓа на четвртото место во англиската Премиер лига