Филмот „Flow“ добитник на наградата на публиката ЛУКС за 2025 година
Филмот „Flow“ (во слободен превод „Проток“) на летонскиот режисер Гинтс Зилбалодис е добитник на паневропска награда на филмската публика LUX за 2025 година.
Филмот, кој е во летонско-француско-белгиска копродукција, говори за мачката Кет чиј дом е уништен при голема поплава. Во своите напори да се прилагоди на новиот начин на живот, Кет наоѓа засолниште на брод населен со други животни. Филмот се занимава со прашања што се меѓу темите од централно значење на Европската Унија – климатските промени, миграцијата, раселувањето и отпорноста.
„Flow“ ја доби наградата во конкуренција на пет филма на церемонија што се одржа синоќа во Европскиот парламент во Брисел.
– Наградата на публиката ЛУКС е повеќе од обична награда. Таа е доказ за посветеноста на Европскиот парламент кон демократијата, слободата на изразување и улогата на кинематографијата во одразувањето и обликувањето на нашите општества. Таа ги доближува европските приказни до луѓето и ги доближува луѓето до работата на Европскиот парламент, истакна потпретседателката на ЕП, Сабине Верхајен во обраќањето на церемонијата.
Таа посочи дека петте номинирани филмови за наградата оваа година говорат за некои од најитните и најинтересните прашања на нашето време, кои се во сржта на агендата на Европскиот парламент.
Почесниот претседател на Комитетот за избор на лауреатот на наградата ЛУКС и претседател на Европската филмска академија, Мајк Дауни истакна дека овогодишните номинирани кандидати претставувале пет привлечни наративи.
– Тие се инспирација за филмските работници и јавноста, не само за чествување на извонредната разновидност на европската кинематографија, туку и за демонстрирање на нејзината способност истовремено и да забавува и да воздигнува. Кинематографската уметност во Европа е совршен пример за тоа како културата може да даде значаен придонес во општеството и да се залага за сочувство, емпатија и промени во еден поделен свет, додаде Дауни.
Во конкуренција за наградата беа и филмовите „Animal“ („Животно“) од грчката режисерка Софија Егзарху, „Dahomey“ („Дахоме“) на француската режисерка Мати Диоп, „Intercepted“ („Пресретнат“) на украинската режисерка Оксана Карпович и „Julie keeps quiet“ („Жили молчи“) на белгискиот режисер Леонардо ван Дејл.
Добитникот на наградата се избира со гласање на јавноста и на европратениците, чии гласови се сметаат во сооднос 50-50.
Наградата ЛУКС се доделува од 2007 година на филмови кои третираат теми поврзани со актуелни политички и социјални прашања или поттикнуваат дебата за европските вредности. Номинираните филмови за наградата кои влегуваат во потесниот избор се стекнуваат со право да бидат дистрибуирани со превод на 24 јазици што се во употреба во ЕУ.