Филипче: Прашање на време е кога ќе се распадне владината коалиција

Владината коалиција е осудена на неуспех и прашање на време е кога ќе се распадне, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче во пресрет на локалните избори наесен во Северна Македонија,а по бранувањата во владините редови и напуштањето на коалицијата Вреди на министерот за здравство, Арбен Таравари. Таравари и понатаму останува дел од Владата, но неговите следни чекори со внимание ги следат и од власта и од опозицијата.

Според Филипче, тоа што се случува во владејачката коалиција укажува дека единственa работа што ги води партиите се нивните теснопартиски и финансиски интереси.

 

„Така што, таква коалиција којашто не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред, е осудена само на неуспех. Прашање на време е кога целата коалиција ќе се распадне. Очигледно ништо суштински не ги врзува партиите во таа коалиција“, изјави Филипче, коментирајќи ги односите во владејаќката коалиција и евентуалната соработка со Таравари на локалните избори.

 

Како ќе се одвиваат работите, Филипче вели дека тоа не е нивна работа. СДСМ се подготвува за претстојните локални избори и нивните врати и канали за комуникација се отворени. „Бараме партнери, ја потврдивме нашата коалиција со 14 партнери, веќе заеднички почнавме да ги креираме листите за сите општини, а во однос на други партнери почнува процесот на разговори“, вели лидерот на СДСМ.

 

Во однос на соработката со Таравари, се чека каков потег тој ќе повлече во наредниот период. „Ќе видиме како ќе се движат работите понатаму. Не знаеме дали Таравари ќе прави некакви коалиции или не. Да почекаме и да видиме“, вели Филипче.

Битка со партиски анкети

Според него, партијата е апсолутно подготвена за секаков изборен циклус во претстојниот период. ветер во грб им дава голема партиска теренска анкета, којашто според првиот човек на опозициската партија, покажува дека има „пад на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ од неколку десетици илјади гласови“ и еден почетен тренд на раст на гласовите на СДСМ.

 

„Во следниот период ќе ја прикажеме анкетата. Ние излеговме со став дека анкетата, којашто ВМРО-ДПМНЕ ја цитираше и ја прикажа во јавноста пред неколку недели, не ја одразува вистинската ситуација на теренот. Тоа го потврди и анкета од еден целосно независен институт, така што трендовите се очигледни“, вели Филипче.

 

Според него, очигледно е дека граѓаните се јасни дека оваа власт, оваа владејачка коалиција дојде на власт со една лажна патриотска кампања.

 

„Едноставно ја заглави државата, а во Македонија сепак живеат луѓе коишто се прозападно, пролиберално ориентирани. Јас со новото раководство ги имплементирам сите научени лекции во новиот начин на менаџмент во партијата, кон партиските тела и членовите, така што очигледно е дека Македонија ќе се буди“, додава тој.

 

Закон за помош на семејствата во Кочани

СДСМ ќе поднесе закон со кој би им се помогнало на семејствата од Кочани, но и на семејствата кои имаат жртви од претходните трагедии. Филипче вели дека законот не е за политизирање на трагедијата, туку дека е подготвен да седне со ВМРО-ДПМНЕ и јавно да побара поддршка.

„Изготвивме предлог-закон кој мислам дека е добар. Има финансиска надокнада за тие кои загубија членови, има за тие кои сега се на лекување. Ќе го поднесеме во редовна собраниска процедура, за повеќе чинители да дадат коментари. Се осврнуваме во еден дел и на претходните трагедии – Ласкарци, Тетово, Беса транс“, вели тој (dw)

Back to top button
Close