Апелациониот суд ги зголеми казните за обвинетите во „Ласкарци“ – сопственикот на „Дурмо Турс“ доби 10 години затворска казна
Обвинетите во трагичниот случај „Ласкарци“ ќе одговараат со построги затворски казни, откако Апелациониот суд Скопје деновиве ја донесе второстепената пресуда со која делумно ги уважи жалбите на Основното јавно обвинителство Скопје, а ги одби како неосновани жалбите на дел од обвинетите.
Со новата пресуда, затворската казна на Дурмиш Белули, сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, е зголемена од четири на десет години. Истиот број години доби и Ремзи Мифтари, одговорен за транспорт во фирмата. На двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, казните им се зголемени од пет на седум години затвор. Казните на третиот инспектор, Јане Боваровски, и на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, остануваат исти – пет, односно 14 години затвор.
Во соопштението на судот се наведува дека јавната седница по овие жалби била одржана на 2 април, а по спроведеното советување и гласање, пресудата е донесена на 17 април 2025 година. Притоа, Апелација делумно ги уважила и жалбите на оштетените, но само во делот кој се однесува на трошоците, додека барањата за имотно-правни побарувања биле отфрлени како недозволени.
Случајот се однесува на автобуската несреќа што се случи во февруари 2019 година кај селото Ласкарци, при што загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени. Според обвинението, автобусот бил технички неисправен, а сепак пуштен во сообраќај со одобрение од вработените во станицата за технички преглед. Обвинетите, вклучувајќи го и возачот кој бил свесен за дефектите, го загрозиле животот на патниците, што резултирало со катастрофална несреќа.
Процесот во Основниот кривичен суд Скопје го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението беше обвинителот Дарко Јакимовски. Апелациониот суд најави дека целосната пресуда со образложение ќе биде јавно достапна на веб-страницата на судот, согласно законските прописи.