Иран прифати четврт круг индиректни нуклеарни преговори со САД
Иран се согласи да одржи четврт круг од индиректните нуклеарни преговори со САД в недела во Оман, јави агенцијата Тасним, повикувајќи се на член на иранскиот преговарачки тим.
Четвртиот круг преговори, кој првично беше закажан за 3 мај во Рим, беше одложен поради „логистички причини“, соопшти Оман како посредник.
– По предлог на министерот за надворешни работи на Оман, четвртиот круг од преговорите ќе се одржи в недела, а Техеран ја прифати иницијативата, изјавил неименуван член на иранската делегација.
Од Вашингтон, американски медиуми јавуваат дека специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, в недела ќе отпатува за Оман
Трамп, кој ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, се закани со бомбардирање на Иран ако не се постигне договор со неговата администрација.
Западните држави тврдат дека нуклеарната програма на Иран има цел производство на оружје, додека Иран инсистира дека програмата е исклучиво за цивилни цели.