Родителите на трагично загинатите во „Пулс“ ја одбиваат поканата за средба со Мицкоски
Родителите на децата кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја одбиваат поканата за средба со премиерот Христијан Мицкоски, закажана за 13 мај во Скопје. Како што наведуваат во писмено соопштение, причината за одбивањето е доцнењето на поканата од Кабинетот на премиерот.
„Сметаме дека предлогот за средба во Кочани беше разумен и оправдан, особено со оглед на тоа што дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата“, стои во реакцијата. Родителите нагласуваат дека Мицкоски беше поканет да дојде во Кочани и таму да се одржи средбата во форма и содржина што тие ја сметаат за соодветна.
Во соопштението се додава дека ставовите се на мнозинството родители, но не се претендира да се зборува во име на секој поединечно.
Дополнително, родителите упатуваат повик до граѓаните да им се приклучат на „Маршот на ангелите“, кој ќе се одржи на 10 мај (сабота), со почеток во 16:05 часот, како чин на сеќавање и поддршка.
Маршот ќе се одржи во Кочани, градот кој беше потресен од трагедијата на 16 март 2025 година, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ животите ги загубија повеќе млади лица.