Во Кан вечерва почнува 78-тиот Меѓународен филмски фестивал
Меѓународен филмски фестивал – 78. по ред – почнува вечерва во Кан, а првиот ден од познатиот филмски фестивал каде што се доделува Златната палма ќе биде посветен на Украина, додека холивудската ѕвезда Роберт Де Ниро ќе добие почесна награда.
На церемонијата на отворањето ќе бидат прикажани три документарни филмови за Украина.
Организаторите на фестивалот објавија дека Денот на Украина е посветен на потсетување на ангажманот на уметниците, авторите и новинарите кои зборуваат за конфликтот во срцето на Европа, кој веќе три години ги погодува украинскиот народ и целиот свет.
Едниот документарец е портрет на украинскиот претседател Володимир Зеленски, вториот е репортажа од фронтот снимена помеѓу февруари и април 2025 година од Бернар-Анри Леви, а третиот е приказна за армијата од украински автор.
Канскиот фестивал реагираше на првата година од почетокот на руската инвазија на Украина кога го осуди конфликтот во мај 2022 година, а потоа Зеленски им се обрати на гостите преку видео врска.
Вечерва, фестивалот ќе започне со доделување на почесната Златна палма на Де Ниро (81), чиј говор ќе биде внимателно следен бидејќи е познат по критиките кон американскиот претседател Доналд Трамп.
Неколку часа пред почетокот на церемонијата, 360 уметници потпишаа панел за поддршка на Појасот Газа. Шпанскиот режисер Педро Алмодовар и американските актери Сузан Сарандон и Ричард Гир се меѓу потписниците на форумот, објавен денеска во францускиот весник „Либерасион“.
22 филма се натпреваруваат за овогодинешната „Златна палма“. Жирито, чиј претседател оваа година е француската актерка Жулиет Бинош, ќе одлучи за најдобриот филм.
Златната палма ќе биде доделена на 24 мај, додека минатогодишниот добитник беше американскиот филм „Анор“ во режија на Шон Бејкер