Попладнево протест за Фросина: Тодор Кулаков обвинува за криминален инженеринг


Таткото на трагично загинатата Фросина, Тодор Кулаков денеска повторно реагираше на вчерашната пресуда за возачот Васил Јованов. Потсети дека „кога се случила трагедијата токму за ова обвинував, а се остварува истото и дека сто пати ќе ја умрат неговата ќерка“. Колку за потсетување, Јованов доби 12 години затвор.

Според Кулаков, во моментов се случува цел еден правен инженеринг, за кој вели дека е длабоко навлезен во криминал.

-Се разбира и сега и Врховниот суд го вклучија во сценариото како да му се намали на минимум казната на убиецот Васо. Oва е тешко, најтешко растурен правосуден систем и затоа протестираме и ќе бараме одговорност и од сите кои се дел од оваа нова судска афера само да се намали казната за убиецот Васо. Заради се и заради убиството на детето ангел Фросинче, се гледаме денеска во 17 часот пред „Универзална“ од каде почнува протестот…, објави таткото на социјалните мрежи.

Врховниот суд на 7-ми мај ја укинал пресудата на скопска Апелација со која Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици. Го уважил барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за поседување и продажба на дрога, што тој го поднел преку адвокат.

Возачот кој смртоносно ја прегази младата Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години. Во судската сала, беа присутни родителите на загинатата Фросина, како и родителите на Јованов.

На првото рочиште, Јованов призна вина и се извини на семејството на Фросина.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.

Back to top button
Close