„Време е на младите“ – Шкодран Алили побара поддршка од ДУИ и Вреди за Кичево
На секои локални избори, Кичево е една од општините каде што изборната трка е секогаш жестока. Официјално, Шкодран Алили ја објави својата кандидатура за градоначалник како независен кандидат. Во емисијата Дејли Клик, тој изјави дека Кичево има потреба од промени, и дека ќе побара поддршка од партиите ДУИ и ВРЕДИ.
„Апелирам и преку вашата телевизија, да упатам повик до двете политички партии да не поддржат“.
-Упатувате јавен повик, но дали ќе барате и средби лице в лице за некаков договор?
„Би било неразумно ако не го направиме тоа. Неопходно е да ја побараме поддршката од двата политички табора кои ги имаме во градот Кичево“.
На прашањето што ако и актуелниот градоначалник Фатмир Дехари повторно се кандидира, Алили одговори дека дојде време да се остави простор за младите.
„Верувам дека и за него би било здраво да направи политичка ротација, да отвори простор за младите, да ги мотивира младите, да ги поддржи младите. Време е младите кои го поддржувале него во секој изборен циклус, во секој негов сон или одлука, младите го поддржале без никакви услови. Затоа сега е моментот да им се даде простор на младите за да покажеме што знаеме и што можеме да изградиме“, вели Шкодран Алили.
Од ВРЕДИ најавија дека ќе имаат свој кандидат, додека Билал Касами ја оцени кандидатурата на Шкодран Алили како блиска до ДУИ. Алили негираше, потсетувајќи уште еднаш дека е независен кандидат. Инаку и ВМРО-ДПМНЕ се очекува наскоро да го претстави својот кандидат за градоначалник.