Ексминистерот од Алијанса, Азир Алиу, објави дека останува во ВЛЕН

Поранешниот министер за информатичко општество и администрација од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу, го поддржа Арбен Таравари за време на конфликтот со Зијадин Села, но сега објави дека нема да ја почитува одлуката на Таравари да премине во опозиција, туку одлучил да остане дел од ВЛЕН.

„Јас верувам дека определбата за промена во општеството не се напушта при првиот отпор – туку се гради со уште повеќе работа! Со голема почит кон претседателот на партијата и неговото право на политичка проценка, чувствувам должност јавно да кажам дека јас ќе продолжам да бидам дел од процесот што го започнавме сите заедно во ВЛЕН и во оваа Влада.

Владата што првпат сериозно ги отвори институциите и почна системски да се бави со работите, почна пресметка со корупцијата и криминалот и го подигна гласот против заробената држава на веќе познтите корумпирани структури во ДУИ. Можеби не сме совршени. Но, никој не може да каже дека ВЛЕН и оваа коалиција не донесоа нова динамика, нова надеж и вистински притисок за структурни промени.

Сметам дека излегувањето во овој момент – без јасен план, дава можност за индиректно рехабилитирање и „лечење“ на старите ДУИ структури и нивните несмасни наративи – а тоа е чекор што јас не го делам, бидејќи верувам дека секој еден млад Албанец, интелектуалец, заслужува поразлична политичка опција – авангарда која сака поразлична иднина од досега, одбира победа за надежта, за ставање на паметните и вредните, а не багабонтите, на пиедесталот на општеството“, напиша Алиу на фејсбук.

Инаку, тој беше во друштво на вицепремиерот Арбен Фетаи за време на денешната посета на Косово, каде се сретнаа со косовскиот премиер Албин Курти

Back to top button
Close