Контраспин: Кога премиерот лови „забегани“
Мицкоски нема време за губење, ама ќе го чека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ наредната година за да им се заблагодари на оние кои, според него, „забегале“ и не ја извршуваат функцијата со „чист образ“. Но, зошто тоа не го стори веднаш? И, не му доликува на еден премиер да проценува дали некој функционер „забегал“, или да се заканува со „влечење за уши“. Тоа прозвучува непримерно и невкусно. Во крајна линија остава впечаток дека некој е опиен од моќта, па онака арогантно се заканува во стилот „ми се може“
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, најави големи промени во партијата и државата и притоа ја спинуваше вистината:
Спин: …Го кажувам тоа јасно и децидно секогаш, а и сега. Ќе ја санкционирам како претседател на Владата, секоја забеганост, ќе ги разрешам сите оние кои ќе не посрамотат како структура и како луѓе, примерот за промени мора да го дадеме ние, и од секој од нас зависи како и со каков интензитет ќе се случуваат промените. Затоа денес од овде најавувам дека веднаш по редовниот конгрес кој ќе се одржи на крајот од оваа годинава, најдоцна почеток на следната година ќе има голема промена во партијата и во Владата. Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единствено најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот.
Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари.
[Извори: Официјална веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, ФБ профил на Христијан Мицкоски (од 59 минута од видеото) – Датум: 18.05.2025]Контраспин: Говорејќи на партиски настан – јубилејната 20 годишнина на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека нема време за губење, дека во Владата ќе ја санкционира секоја забеганост и затоа ќе им се заблагодари на оние кои нема да се истакнат во својата работа. Големите промени во партијата и во Владата, Мицкоски ги најави по редовниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој треба да се одржи на крајот од годинава или најдоцна почеток на следната година. Оваа негова изјава во којашто се препознава спин е проблематична по два основа.
Најпрво, Мицкоски од една страна вели дека нема време за губење и за големи грешки, дека тој како премиер нема да толерира „забеганост“, дека функциите ќе си ги задржат само тие што работат посветено, бидејќи најважни се „честа и образот“. Но, веднаш потоа тој вели дека „благодарницата“, на оние кои „забегале“ ќе им ја испорача на крајот на оваа или на почетокот на 2026 година.
Значи, тоа нема да биде сега, туку казната за „забеганост“ би можела најрано да ги стигне за осум-девет месеци отсега! Што е нелогично со оглед на тоа што премиерот вели дека нема време за губење, ниту за грешки. Тие луѓе се речиси една година на функција, премиерот имал време да види дали и колку се посветени на работата, па ако навистина е решен да останат само најдобрите, најпосветените, највредните, оние со најдобри резултати, таква селекција може да направи веднаш. Зошто да го чека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ наредната година за да им се заблагодари на оние кои, според него, „забегале“ и не ја извршуваат функцијата со „чист образ“? Зошто тоа не го стори веднаш?
Ова некако наликува на повеќестрана политичка порака во пресрет на локалните избори. На гласачите им се претставува слика дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер се чесни и принципиелни, дека на функција може да бидат само ревносни, вредни, исполнителни личности. На самите функционери им се порачува дека по локалните избори ќе се одмерува дали некој ќе остане на позицијата, а на коалициските партнери во Владата им се испраќаат јасни сигнали дека локалните избори може да донесат поинаква поделба на функционерскиот колач. Просто кажано ќе има пазарење на сите страни – и во партиските редови и во коалицијата.
Исто така, прилично зачудува тоа што премиерот ќе оценува „забеганост“ кај функционерите и по тој основ ќе прави чистка. Нејасно е како Мицкоски ќе проценува дали некој од функционерите „забегал“ за да му се заблагодари и како од формално правен аспект (според кој Закон) тоа е критериум за губење на работното место – позиција во повисоките или пониските ешалони на власта. Та нели цело време и тој и владејачката партија говорат за правна држава, владеење на правото и почитување на законите.
Еве да речеме дека Владата ќе ги разреши оние функционери кои ги именувала, верувајќи му безрезервно на премиерот дека тие „забегале“. Но како мисли Мицкоски поради „забеганост“ да ги отстрани функционерите кои ги избрало Собранието? Тоа е втората по важност институција во државата и според Уставот треба да ја контролира Владата (иако кај нас за жал во пракса не е така). Во таа смисла во Член 68 од Уставот, меѓу другото, е прецизирано дека Собранието:
врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието
Значи, сакал Мицкоски или не, мора да се запази одредена процедура. Независно што неговата партија има мнозинство во Собранието, само со оценка „забеганост“ не може да помине разрешување на функционер, тоа ќе треба и да се образложи, парламентот да расправа и да донесе одлука
Конечно, не му доликува на еден премиер да дава квалификации од таков тип, да проценува дали некој функционер „забегал“, или да се заканува со „влечење за уши“, како што направи досега во неколку наврати. Тоа прозвучува непримерно и невкусно. Во крајна линија остава впечаток дека некој е опиен од моќта, па онака арогантно се заканува во стилот „ми се може“. (Вистиномер),