Герасимовски: Пријавете се на повикот „Центарски приказни”, да ги зачуваме колективните спомени и духот на центарските маала
Општина Центар, денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на културниот проект „Центарски приказни”, кој има за цел да ги зачува колективните спомени и духот на центарските маала преку поставување урбани топоними – ознаки на значајни места со кратки приказни за нивното значење.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека преку визуелна интерпретација и поставување на симболични обележја, проектот ќе придонесе за зачувување на урбаното наследство и културниот идентитет на општината.
„Право на учество имаат здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата со седиште во Општина Центар, а вкупниот фонд за поддршка на проектот изнесува 200.000 денари. Со проектот ‘Центарски приказни’ сакаме да создадеме мапа на сеќавања, каде што урбаните маала и нивните приказни ќе оживеат преку уметност и културна меморија. Овие микролокации се дел од нашето секојдневие, но и од нашата историја. Време е да ги вреднуваме и раскажуваме на генерациите што доаѓаат”, вели Герасимовски.
За пријавување, заинтересираните субјекти треба да поднесат пополнета пријава со краток опис на проектот, портфолио на организацијата, биографии на сите вклучени изведувачи, како и референтна листа на досегашни проекти. Дополнително, потребно е да се достави финансиска конструкција за потребните средства за реализација, доказ за активна трансакциска сметка и важечко Решение за регистрација или тековна состојба од Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постаро од шест месеци.
Целокупната документација може да се достави преку пошта на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков” бр.1, 1000 Скопје или лично во Архивата на Општината (барака 6) секој работен ден од 9 до 15 часот. При поднесувањето потребно е да се наведе: „Јавен повик за финансиска поддршка за реализација на проектот ‘Центарски приказни'”.
Рокот за пријавување е пет (5) дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на Општина Центар: https://www.centar.gov.mk/?p=25385