Софија со нова декларација за Македонија со која ќе се потврди ставот на Бугарија за нашето членство во ЕУ

Пратеникот Станислав Балабанов од партијата „Има таков народ“ ги повика претседателот Румен Радев, премиерот Росен Жељазков и министерот за надворешни работи Георг Георгиев да реагираат на, како што рече, недозволивиот притисок врз Бугарија во контекст на европскиот пат на Македонија.

Балабанов најави дека неговата партија ќе подготви официјална парламентарна декларација која ќе биде предложена на сите политички партии во 51. Народно собрание.

Декларацијата, како што рече, ќе ги потврди бугарските позиции за Македонија, ќе ги опфати сите релевантни договори и преговарачки рамки, и ќе предупреди против притисоци кои би ја заобиколиле бугарската позиција за проширувањето на ЕУ.

Во изјавата до медиумите, Балабанов остро го критикуваше известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, нарекувајќи го „крајно скандалозен избор“ поради неговата припадност на Зелените и Европската слободна алијанса, јавуваат бугарските медиуми.

Тој потсети дека оваа група неодамна усвоила декларација со „антибугарски ставови“, обвинувајќи ја Бугарија за геноцид врз македонскиот јазик и негирање на идентитетот на Македонците во Албанија.

„Не знам како ниту една бугарска институција не реагираше на ова“, изјави Балабанов, најавувајќи дека декларацијата од парламентот ќе биде испратена директно до Брисел.

Back to top button
Close