За РКЕ скапо е месечно да се читаат броилата – ЕВН да купи паметни броила со далечинско отчитување

За Регулаторната комисија за енергетика прескапо е ЕВН да воведе систем еднаш месечно да ги чита броилата на сите корисници. Првиот човек на Комисијата Марко Бислимовски потврди дека воведувањето на овој модел ќе чини 10 милиони евра годишно, што драстично ќе ја зголеми цената на електричната енергија за граѓаните. Зголемувањето би било околу пет насто, па затоа ќе се оди на друг модел. Тоа е компанијата во наредните две – три години да набави паметни броила за 10 милиони евра.

„Тие основни средства ние ги признаваме, но повратот на капиталот изнесува само 6,2%. На годишно ниво од овие дополнителни 10 милиони евра за набавка на нови мерни уреди, на крајната цена влијанието би било 0,1%, речиси никакво влијание. Така да тоа ќе го направиме и во наредниот период, да ја задолжиме Електродистрибуција да набави уште повеќе броила, за да можеме во период од две до три години, некаде помеѓу 70 и 80% од потрошувачите во државата да имаат броила со далечинско отчитување“, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

На наредната сметка, граѓаните ќе добијат известување како сами да ги исчитуваат струјомерите и ако имаат отстапување од состојбата наплатената потрошувачка, да пријават во ЕВН. Во иднина, на сметката ќе стои дали пресметката за тоа колку е потрошена електрична енергија се базира на отчитано броило или на претпоставена, просечна потрошувачка
Бислимовски не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд со која се укинаа одредби од Закон и се овозможи лесно исклучување од парно греење.

„Апсолутно, ние како Регулаторна комисија за енергетика ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд, но кажувам што ќе значи тоа во пракса. Можност за полесно исклучување, тоа значи намалување на бројот на потрошувачи на топлинска енергија, што може да доведе до зголемување на цената за топлинска енергија и да имаме што е можено и ќе имаме домаќинства кои што повеќе ќе се греат на електрична енергија. И, како што кажав, во деловите на Град Скопје каде што има организиран систем за топлинска енергија, трафостаниците и воопшто и мрежата е со послаб капацитет, бидејќи не се очекувало дека таму луѓето ќе се греат на електрична енергија“, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Бислимовски денеска ги повика сите енергетски компании, во согласност со новиот Закон за енергетика, до 30 јуни да достават до РКЕ барање за продолжување на нивните лиценци. Ако не го сторат тоа, од 1.јули нема да смеат да ја вршат својата дејност. Станува збор за 1.800 носители на лиценци од сите енергетски дејности.

Back to top button
Close