Цана за МИА: Второто лице со мајмунски сипаници се уште не се пријавило на преглед на Инфективната клиника

Второто лице со мајмунски сипаници во државава се уште не се пријавило на преглед на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, потврди денеска за МИА, директорот Фадил Цана.

Тој рече дека нема регистрирано нов случај на мајмунски сипаници во државава.

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, во врска со потврдените два случаи на мајмунски сипаници, на вчерашниот состанок донесе препорака за самоизолација и здравствен надзор за двете заболени лица.

– Се следи состојбата на лицата кои биле во близок контакт со заболените и доколку пројават симптоми, истите ќе бидат тестирани за ова заболување во Институтот за јавно здравје. Комисијата апелира граѓаните да ги почитуваат хигиенските мерки за лична заштита од заразни заболувања, а во случај на евентуална појава на симптоми на ова заболување, да се јават кај својот матичен лекар. Воедно, до матичните лекари ќе се дистрибуира информација за разработената патека за преглед, тестирање и згрижување на евентуалните пациенти, беше наведено во соопштението на Министерството за здравство.

Според епидемиологот Драган Даниловски, ова вирусно заболување не се пренесува лесно и мал е ризикот за епидемија.

– Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото, инкубациски период од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации, пишува Даниловски на својот Фејсбук профил.

Back to top button
Close