ИЈЗ: Заразените од мајмунски сипаници се во добра состојба – засега нема нови случаи
Институтот за јавно здравје информира дека лицата заразени со мајмунски сипаници (Mpox) се во стабилна здравствена состојба, а досега не се регистрирани нови сомнителни или потврдени случаи во земјата.
Епидемиолозите од ИЈЗ воспоставиле контакт со сите лица кои биле во близок контакт со заболените, при што никој од нив не пријавил симптоми поврзани со болеста.„Епидемиолози од ИЈЗ остварија контакт со лицата кои биле во близок контакт со заболените, а досега ниту еден од нив не пријавил симптоми. Во текот на вчерашниот ден, на веб-страницата на Институтот беа објавени и препораки за граѓаните, а изготвен е и краток водич за здравствени работници со насоки за постапување со сомнителни случаи. Водичот е дистрибуиран преку Министерството за здравство до сите надлежни здравствени институции“, се вели во соопштението од Институтот за јавно здравје.
ИЈЗ најави и отворање на две телефонски линии – едната за консултации со граѓани, а другата специјално наменета за здравствени работници кои ќе имаат потреба од стручни насоки во постапување со можни случаи.
Надлежните институции, вклучително и Министерството за здравство, се во постојана комуникација и координација за следење на состојбата. Од ИЈЗ нагласуваат дека засега ризикот од ширење на болеста во Северна Македонија се оценува како низок