Заврши евалуацијата на повеќе од 110-те повредени во клубот „Пулс“ кои се лекуваа во болниците во странство

Тимот од лекари специјалисти од клиниките во Скопје, што во изминатите неколку денови престојуваше во Општата болница со проширена дејност во Кочани, ја заврши евалуaцијата на состојбата на повредените од пожарот во клубот „Пулс“.

Прегледани се повеќе од 110 пациенти кои претходно се лекуваа во болниците во странство, а сега имаат секојдневна физикална терапија и преврски на повредите во Болницата.

Според директорката на Општата болница Кристина Серафимова, дополнително на прегледот за евалуација се јавиле и повредените кои беа хоспитализирани на клиниките во државата. Во наредните денови специјалистичкиот тим треба да изготви извештај по што ќе се знае во каква состојба се сите пациенти по два месеца од трагичниот настан.

Здравствените работници заедно со волонтерите од „Support Kocani“ се ангажирани на обезбедување соодветна финансиска и медицинска помош за повредените.

– Констатиравме дека некои од повредените што се вратија од лекување имаат отворени рани, а дел се со покомплицирани повреди, поради што неопходна ќе биде доополнителна пластична операција. Нашата болница не располага ниту толку со кадар, ниту со некоја специјална опрема, па нашиот најголем страв е да не се случи некаков проблем со инфекции, да не се искомплицира состојбата со некоја бактерија и да не дојде до сепса. Веќе имаше неколку случаи при преврските на повредите, да се откине дел од кожата, за што потврда добивме од некои од повредените, истакна Иван Ивановски од „Support Kocani“.

Во Општата болница во Кочани во моментот физикална терапија добиваат 40 повредени заради намалување на проблемите со движењето на зглобовите на екстремитетите, а уште 70 пациенти имаат преврски на изгорениците. Лекувањето на голем број од пациентите ќе трае неколку години и тие не смеат да ги изложуваат повредите на сонце и надворешни влијанија.

Најголем проблем во Општата болница и понатаму останува недостигот од здравствен персонал, главно медицински сестри. На тимот здравствени работници од Кочани им помагаат и лекари, физиотерапевти, инструментарки од болницата од Штип.

Back to top button
Close