„YES ФЕСТИВАЛ“ стартува со три промоции на книги за деца и млади

Во Младинскиот културен центар во Скопје деенска ќе биде отворен „YES ФЕСТИВАЛ“ – фестивал за книжевноста за деца и детската креативност во организација на издавачката куќа „Чудна шума“.

Главниот фестивалски дел наменет за деца и млади ќе трае од 26 до 28 мај. Програмата ќе се одвива од 17 до 21 часот, а на отворањето публиката ќе има можност да проследи три промоции на книги од македонски автори и илустратори.

Во 18: 30 часот, фестивалот официјално стартува со промоција на сликовницата „Шарен, бистар свет“ на авторката Јелена Никодиноска Чаповска и илустраторката Иванка Ниба, во издание на „Чудна шума“.

Промотор ќе биде Ана Јовковска, а настанот ќе го модерира Билјана Црвенковска. По промоцијата ќе следува читање и работилница со деца на возраст над 4 години.

Во 19:30 часот ќе следува промоција на романот за деца и млади „Приказни од Sунливото Море“ на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Наталија Лукомска (во издание на „Чудна шума“), промовирана од Ана Јовковска.

Третата промоција, која воедно ќе вклучува и мини концерт, ќе се одржи во 20:15 часот, кога ќе биде претставена креативната сликовница „Хармоника Картоника“ на Неше Рамовиќ и Владимир Лукаш, во издание на „Светулка“.

Во рамки на трите главни фестивалски денови во МКЦ, ќе се одржат и многубројни креативни работилници: „Куќата на детството“, работилница посветена на оние кои многу одамна биле деца („Гаврош“), потоа „Боите на виножитото“ со авторката Елена Граматикова, „Мишка“ со Билјана Црвенковска и „Потрага по храброст“ со Биљана Стојановска и Владимир Лукаш („Чудна шума“), работилниците „Облеката низ времето“ со Марија Николова, „ Куќичката на 7-те наџуџиња“ со Ана Голејшка Џикова и Иванка НиБа, „Девојчето со форичката“ со Наташа Андонова и „Црното маче“ со Наталија Лукомска („Светулка“), како и работилниците „Приказна за виножитото“ и „Суштествата од дното на океанот“ („Сказнувалка“).

Новитет годинава е што „Чудна шума“ воведува и OFF-програма на фестивалот наменета за возрасни читатели (и возрасни млади), книжевни вечери што ќе се одржуваат во кафе-книжарница „Буква“.

Главниот настан, вечерта на 28 во 20 часот, е промоцијата на романот за т.н. „возрасни млади“ – „Денови на Блуграс-љубов“ на гостинот на фестивалот, авторот Едвард ван де Вендел. Ван де Вендел е плоден и разноврсен книжевен творец: романи за млади, детски приказни, песни, публицистика, поезија, сликовници, преводи… тој сѐ умее. Тој е и општествено ангажиран и со своите дела им се обраќа на читателите со топлина, без притоа да ја жртвува книжевната вредност на делото.

„Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика.

Последната фестивалска вечер, во рамки на OFF-програмата во „Буква“, ќе се одржи промоција на хаику поетската збирка на Теа К. и Гето Руди – „Шах-мат“, едно креативно издание со две корици кое се чита од две страни – првата дело на авторката Теа К., а другата дело на авторот Гето Руди. Освен што и самата книга е необична, од „Чудна шума“ велат дека „и самата промоција ќе биде едно несекојдневно доживување – една партија хаику-шах – која не треба да се пропушти“.

Back to top button
Close