Зголемен број убоди од крлежи
Од пет до шест пациенти неделно бараат помош на инфективното одделение за убоди од крлежи и други инсекти, соопштија денеска надлежните од општа болница Куманово.
Во овој период поради бујната вегетација, наизменичните врнежливи и сончеви денови, зголемен е бројот на инсекти.
-Периодов, почнувајќи од мај до крајот на август, се јавуваат пациенти за убод од крлежи. На инфективното одделение доаѓаат за антитетанична профилакса која во суштина не треба да се спроведува, доколку крлежот хируршки е отстранет. Во суштина и не смее во домашни услови да се обидуваат пациентите самите да го отстранат, најдобро е хируршки да се извади, изјави началничката на инфективното одделение, д-р Валентина Џартовска.
Најчесто болести кои се јавуваат по убод од заразен крлеж е лајмската болест, менингитис, но пациентите главно поминуваат со многу благи симптоми.
– Кога веќе се оди во природа, граѓаните треба да се движат на обележани патеки, да одбегнуваат високи треви, грмушки, нозете да бидат покриени, да се носат обувки и пред сè светла облека, бидејќи полесно се забележува крлежот, додава Џартовска.
Во Куманово, во градските средини во неколку наврати веќе е спроведена дезинсекција против крлежи. Опфатени се јавно прометни површини, зелено цветни, зеленилото на градскиот кеј, парковите, плоштадот. За оваа намена од буџетот, одвоени се над 1, 2 милиони денари. Фирмата која е задолжена за дезинсекција и дератизација велат дека Куманово е една од ретките општини која во неколку наврати спроведува дезинсекција и дератизација.
-Во градот се спроведуваат третмани против крлежи, што е за пофалба, во другите општини многу ретко се работат. Се работат сите зелени површини со инсектициди, се внимава на здравјето на животните, милениците. Го опфаќаме временскиот период од април до август, да го држиме нивниот број на подносливо ниво, изјави Владимир Димковски, сопственик на единствената специјализирана фирма за оваа дејност во Куманово.
И сопствениците на милениците треба детално да ги проверат кучињата по прошетките.