За 10 илјади евра убиен скопјанец за кој сметале дека соработува со институциите за „Монструм“ – нови детали за групата „Беланоца-Барон“


Обвинителниот акт поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција открива нови детали за ликвидацијата на Ибраим Ајдини во август 2020 година.

Според доказите на обвинителството, убиството било извршено по налог на првообвинетиот, кој во име на радикално движење понудил и исплатил 10.000 евра за ликвидацијата, мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала со институциите во предметот „Монструм“, случај во кој кај Смилковско езеро беа убиени маж и четворица млади момчиња.

Ајдини во 2020 година беше убиен во својот дом во скопското Инџиково со истрел во глава, иако во моментот на нападот во куќата се наоѓала и неговата сопруга, по што извршителите ги отстраниле доказите од местото на злосторството и побегнале.

Обвинетите од оваа криминална група верувале дека Ајдини ги издал Африм Исмаиловиќ и Алил Демири – двајцата осудени на доживотна казна затвор за „Монструм“, кои по бегството од Македонија и понатамошното засолнување во Косово, и покрај неколку апсења, сè уште не се екстрадирани во земјава.

Иако нема докази дека Ајдини навистина соработувал со институциите, сепак, според обвинението, сомнежот кај организаторите бил доволен мотив за убиството.

Back to top button
Close