Отстранети се недостатоците на новата градинка во Кочани, Општината бара согласност од МФ за новите вработувања


 По неколкумесечни активности санирани се сите недостатоци при градбата кај новиот објект „Детелинка“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани и со потпис од официјалниот надзор подготвен е да почне со работа.

Општина Кочани испрати известување до Министерството за финансии за новата состојба, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски бара средба со министерката Гордана Димитриеска Кочоска, на која ќе се разговара за добивање согласности за вработувања во 2025 година во новоизграденaта градинка во кочанската населба Драчевик.

Минатата година Министерството за социјална политика, демографија и млади одобри финансиски средства за блок дотации наменети за плати за вработените во новоизградената детска градинка, но до сега тие не беа реализирани. Во моментот на листата на чекање има над 200 деца, од кои дел би се згрижиле во новиот објект, истакнува в.д. градоначалникот Крстевски.

Во писменото барање за утврдување термин за работна средба е објаснета итноста за профункционирање на објектот „Детелинка“ и потребата за згрижување на 120 деца од Кочани, а со тоа и можноста нивните родители да бидат работно ангажирани.

Новата градинка во Кочани почна да се гради пред околу пет ипол години во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го реализираше тогашното Министерството за труд и социјална политика, а со финансиска поддршка од Светска банка. За изградбата на објектот Општината доби грант од околу еден милион евра, а имаше и сопствено учество во подготвителните работи.

Иако објектот беше завршен и комплетно опремен, при надзорните контроли во меѓувреме беа констатирани неправилности и недостатоци при изградбата, поради што ставањето во употреба се одложуваше повеќе од три години.

 

Back to top button
Close