Се враќаат строгите забрани за пушење – ќе се казнува и на затворени тераси

Министерството за здравство најавува нова офанзива против пушењето: повторно ќе се забрани пушење и на затворените тераси во угостителските објекти. Целта е јасна – заштита на здравјето, особено на младите.

„Нема инспектори колку што има пушачи во Македонија, ама ќе ги вратиме старите забрани и ќе има строги казни“, порача заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, на одбележувањето на Светскиот ден без тутун.

Според него, се разгледуваат две опции – измена на постоечкиот закон или носење целосно нов, со фокус на строги ограничувања и санкции. Пример ќе бараат и од Франција, каде пушењето на отворено е забрането во близина на деца, паркови и спортски терени.

Лекарите алармираат – тинејџерите почнуваат да пушат на само 13 години. Истовремено, податоците покажуваат дека 7 од 10 пушачи во Македонија започнале пред да наполнат 21 година.

Од УНИЦЕФ и СЗО предупредуваат дека тутунската индустрија таргетира млади со „слатки вкусови“ како манго и јагода, со цел да ги направи производите попримамливи.

„Младите треба уште во училиште да бидат едуцирани за штетноста на цигарите“, стои во пораките од меѓународните организации.

Статистиките се поразителни: речиси половина од населението во Македонија пуши, а пушењето е на врвот на причините за смрт од кардиоваскуларни болести – заедно со висок крвен притисок.

„Слободата да се пуши завршува каде што почнува правото на децата да дишат“, истакнуваат експертите.

Новите законски измени ќе значат нула толеранција за пушење на места каде што има деца, како и зголемени контроли и казни за угостителите кои ќе ги прекршуваат правилата.

Back to top button
Close