Андоновски: Штета што претходната власт не ги искористи капацитетите на татко ми и брат ми


По серијата медиумски извештаи и обвинувања за непотизам и сомнителни тендерски практики во Министерството за дигитална трансформација, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тврди дека сè е законито и во интерес на државата

На прашањето дали е етички оправдано и во духот на добро владеење тоа што фирма на сопругот на државната секретарка добила тендери во Министерството за дигитална трансформација, Стефан Андоновски вели дека наследил институција во „катастрофална состојба“:

„Во Министерството немаше ни телевизор, ни проектор, ни бела табла. А требаше да донесеме четири закони од Реформската агенда што на државата ќе ѝ отклучат 20 милиони евра. Можев да изберам – да не правам ништо и Министерството да продолжи да пропаѓа, или да работам. Јас избрав да работам“.

Тој посочува дека фирмата што добила тендер понудила 40% пониска цена и дека одлуката била целосно легална.

„Јас се соочувам со ситуација во која добивате предлог-одлука за склучување договор. Тогаш првпат дознавам дека определена компанија има сопственик кој е во роднинска некаква со некого. И можете да донесете одлука да го поништите тендерот, беше месец декември, да пропадне набавката и да немаме ниту една табла или презентациски уред во Министерството. Или да донесете одлука, целосно легално, да склучите договор затоа што утре таа фирма може да го тужи Министерството“,рече министерот.
СДСМ: Во министерството на Стефан Андоновски тендер добиле и родители на негов вработен
Иако законитоста не се доведува во прашање, етичките дилеми остануваат. На ова, Андоновски одговара:

„Секој одговара за себе. Јас не сметам дека направив повреда на етички или морален принцип. Ако некој смета дека нешто е неетички, тоа е лична перцепција“.

Во јавноста се појавија и информации за именување и унапредување на членови од семејството на министерот на влијателни позиции – неговиот татко како советник на премиерот, а братот – на раководно место во безбедносна служба.

„Изнесени се тешки невистини за мојот брат. Тој 12 години работи таму и еднаш е унапреден. Не е вистина дека е унапреден двапати во последната година. Оваа јавна хајка му го нарушува угледот, а и создава недоверба во службата каде што работи“,рече Андоновски.

Додава дека, иако не може да зборува за доверлива информација, требало да бидат контактирани и да одговорат и на новинари и на СДСМ за што се работи кога е во прашање позицијата на неговиот брат.

Обвинителството да отвори истрага за тендерите во министерството на Андоновски, а ДКСК да го прошири предметот, побара Кузеска
За татко си, министерот вели дека по 40 години искуство во безбедносниот сектор, вклучувајќи ги и 2001 година и бегалската криза, е чест што денес го советува премиерот. Андоновски додава дека неговото знаење не било доволно искористено во изминатите години додека работел во МВР.

„Во целост заслужуваат да бидат таму. Јас сум горд на тоа што го имаат сработено и двајцата во целиот нивен живот и резултатите го покажуваат тоа“,

вели министерот во интервјуто.
На прашањето дали постои партиска димензија во ваквата концентрација на функции, бидејќи сè се случува по смената на власта, Андоновски вели:

„Јас сум на политичка позиција и сум ја добил преку избори. Но, татко ми и брат ми не се таму поради партија – туку поради своите капацитети“.

Во однос на случаите што ги отвори Државната комисија за спречување на корупцијата, четири на број, а се однесуваат на повеќе случаи – за непријавен имот, за тендерите и за именувањата, министерот вели – веќе осум месеци нема никаков епилог.

„Дури и за наједноставната претставка – за наводно непријавен имот во анкетниот лист – нема ни позитивен ни негативен одговор. Немам слушнато ништо по сите четири претставки“,изјави Андоновски.

Back to top button
Close