Новинарот Љубиша Николовски вечерва во гостување на телевизијата „24“ рече дека и британскиот и унгарскиот кредит се заеми кои ќе треба да ги враќа секој човек подеднакво.

Според него, најважно е да се употребат за проекти кои ќе може на некој начин да вратат пари во буџетот. „Не знам зошто некој би честел 6 милијарди и потоа да бара да ги парите. Овие 6 милијарди и милијарда од Унгарците, тоа се 7 милијарди, тоа се пари кои ние треба да ги вратиме.

Од тие пари, дел одат во инфраструктура што на некој начин може да враќа пари и тоа е добро. Железницата е добра ќе скрати време, ќе има движење на капитал но не ја знаеме трасата. Останатиот дел не е за нешто бизнис вложување, тие одат во потребни работи и тоа може да го подобри стандардот на граѓаните но нема да враќа пари“, рече Николовски.

Тој зборуваше и за тоа дека доколку остане „францускиот предлог“ во процесот на евроинтеграции, потребно е да се воведе протокол преку кој ќе се мери работата на двете комисии.

„Ако остане „францускиот предлог“ таков каков што е и ако се додаде некој протокол преку кој ќе се мери работата на комисијата, тогаш може да има и шанси да се согласи бугарската страна. Македонија нема друг пат совен кон ЕУ. Мислам дека иако е падната довербата за ЕУ сепак мислам дека ќе останеме со таа желба“, рече Николовски.

Back to top button
Close